ПО КОЗЈИ ПАТЕКИ ДО ПОРТО КАЦИКИ НА ЈОНСКА ЛЕФКАДА

Лефкада е мал грчки остров, кој припаѓа на групата јонски острови. Всушност, со уште неколку помали острови, го сочинува округот Лефкада. Најважно и најголемо место е истоимениот град. Вкупната површина на островот е 300 км2 (или 90 отсто од сиот округ). Островот е одвоен од копното со тесен мореуз, широк 2 км. Премостен е со подвижен мост. Северно од Лефкада се наоѓа Крф, а јужно Кефалонија и Итака. Лефкада е главно ридест и карпест остров. Постојат и неколку помали плодни долини. Климата на островот е средоземна со долги топли лета и благи дождовни зими. Растителниот и животинскиот свет е карактеристичен за средоземјето. Се одгледуваат маслинки, винова лоза и агруми.

Лефкада е населена уште од преисторијата. Во средниот век, припаѓал на Византија. Средновековниот дворец со италијанско име Санта Маура го основала владејачката италијанска фамилија Токо. На неколку наврати островот бил под турска контрола. Тој е единствен јонски остров што го држеле Турците. Во 1716-та година паднал под контрола на Венецијанската република. Конечно, во 1864-та, Лефкада е припоена кон Грчкото кралство. Првиот модерен опис на Лефкада го дал надвојводата Лудвиг Салвадор. Грците се мнозинство, но летно време има доста  туристи.

Со првата средба со Лефкада, градот освојува многу посетители. Поминуваќи преку мостот, долг 50 метри, се добива прекрасен поглед на лагуната, која ја создал песочниот мореуз Гиро, на кој се наоѓа уште еден мост. Лагуната е природно богатсво во која се одгледуваат риби во посебни традиционални кошеви, плетени од пратје. Мореузот е долг 7 км. и почнува од градот Кастро и прави кружен јазик за да се спои со копното од другата страна на Кастро.

На патот до градот се проаѓа покрај езеро, најголемата водена површина на островот, кое секоја година угостува голем број разновидни птици… Се гледаат чапји, лебеди, диви гуски и диви патки. 

Лефкада нуди за секого по нешто. За оние кои сакаат да го откријат културно – историското наследство, можат да го посетат фолклорниот и археолошкиот музеј, каде може да се купи некој спомен од посетата на островот.

Василики е уште една туристичка атракција која морате да се види, ако ја посетувате Лефкада. Оддалечена е 40 км. од главниот град. Се наоѓа на заливот на јужниот дел од островот, каде водата е идеална за сурфање и слични спортски активности на вода. Од тука може да се продолжи да се посетат селата Агиос Петрос и Сиврос, каде ќе уживате во традиционалните јадења или можете да изнајмите мал брод и да ги посетите преубавите плажи на западната страна на островот.

Уште една дестинација која е примамлива е Порто Кацики. Таа е една од најпопуларните плажи во Грција, па и во цела Европа. Во превод значи “Пристаниште на јарците”, а името го добила, затоа што некогаш само ова животно можело да стигне до неа. Многу познатата и најчесто сликаната плажа со прекрасна бела песочна линија на брегот, која се издига од азурно – синото море со тесен појас, е споена со стрмна карпа каде има скали кои водат до плажата. Се наоѓа на 35 км. од градот Лефкада. Единствениот поглед на плажата опкружена со бели карпи и сино – зеленкасто бистро море ја прави дестинација која не може да се заобиколи. Таа со години го држи приматот за најубава европска плажа.

Над плажата има доста барови и паркинг места, но нема место за престој на туристи. Кампувањето е забрането. Покрај копнениот пат, до плажата може да се стигне и по морски пат, крстарејќи од местата Нидри или Василики.

Овој уникатен предел е толку спектакуларен, што ќе се врежи во сеќавањето на секој што ќе го види или посети ова место.

Loading