НАША ТРЕТА ОЛИМПИЈКА

Атлетика: Христина Ристеска ќе трча во Лондон

Претходно стрелецот Насески беше 1996 во Атланта, а атлетичарката Кулеска 2000 во Сиднеј

Конечно прилепски спортист на олимпијада! Атлетичарката Христина Ристеска (20) ќе трча 400 метри на Игрите во Лондон. Таа е трета по ред олимпијка од градов. Претходно стрелецот Дарко Насески учествуваше 1996 година во Атланта, а атлетичарката Даниела Кулеска 2000 во Сиднеј. Трета – среќа. Гордост и чест ми е да го претставувам Прилеп и државата на светскиот спортски самит. Нека се знае колку сме спортски град. Подготвена сум да дадам сé од себе и да докажам дека вреди да се инвестира во сите најдобри спортисти – вели Ристеска. Одлуката стигна во понеделникот, но атлетичарката како одамна да беше сигурна дека ќе учествува. Летово не направи никаква пауза. Засилено се подготвува на спортски центар на алтернативната патека, погодна за претсезонски тренинзи.

– Немаме услови и поддршка. Коментираат дека одиме со “вајлд карта”, без норми. Како да се стекнат норми? Загубивме четири години, иако се знаеше дека по Пекинг, доаѓа Лондон. Се подготвуваме еднаш годишно по 10 дена во Охрид. Тоа е ништо. Добро е што имам одличен тренер од клубот Работнички, поранешната олимпијка Александра Војнеска. Таа пренесува богато искуство. Верувам дека ќе извлече максимум од мене. Можеби да го подобрам рекордот од 57, 80 секунди – истакнува Ристеска.

Христина држи повеќе државни рекорди во штафети, каде редовно трча и сестра и близначка, Фросина. Двете се секаде заедно, на натпревари, на факултет за физичка култура во Скопје, на сите тренинзи. Неразделни се и на Спортски центар. Рдинствено на олимпијадата ќе има место за една.

– Сестра ми е одлична атлетичарка. Сме биле на домашни, балкански, европски првенства. Се надевам дека во Рио де Жанеиро 2016 ќе бидеме сестри близначки на олимпијада – заврши Христина Ристеска.

Помош од градот

Идната олимпијка досега не добила финансиска помош од ниедна институција, со исклучок на една година стипендија, која í е  укината поради премин во возрасна граница. Дури и опремата ја носи седум – осум години. Со неа е порасната. Очекува барем поддршка од градов.

– Се обратив до градоначалникот. Имам надеж дека ќе добијам нешто – вели Ристеска.

Трката е на 3 август

На олимпијадата во Лондон се знаат термините. Женската претквалификациска трка на 400 метри е предвидена за 3 август. Најдобрите одат во квалификации за четвртфинале, полуфинале и супер ѕвездите во финале.

– Тргнуваме околу 20 јули, седум дена пред отворањето. Чекаме да одредат кој од четворицата ќе го носи македонското знаме – вели Ристеска.

Loading