ЛЕТ БРОЈ 21 (4)

Објавуваме продолженија од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции.

ЛЕТ БРОЈ 21 (4)

Морската куќичка, всушност, беше ретко убава градба, во која се испреплетуваа минатото и уметноста. Надворешноста оддаваше впечаток на дворец од бајките, а внатрешноста исполнета со волшебство, кое маѓепсуваше. Елизабета многу ја сакаше оваа куќа. Паркирајќи го автомобилот забележа како Игор ја чека потпрен врз скалите со роза во рацете.

– Да знаеш,  ќе чекав уште десет минути, а потоа ќе дојдев и така убаво ќе се тепав со тебе додека на почнеше да ме молиш да те доведам тука !

– А, јас, одејќи си од работа, а имајќи го ова на ум, купив еден картон ефтини чаши,  мислев, ако стигнеш, да имам со што да те гаѓам…

– Мило ми е што не избрзав и не тргнав предвреме кај тебе – и рече Игор, за жал мојот картон со рози го потрошив. Ми остана само уште една. Би можела секое утро да ја ставаш во друга чаша. И онака сега ги имаш премногу. Ја прегрна топло и ја внесе во куќата. Друштвото веќе беше собрано. Ги знаеше речиси сите, се разбира, освен новата девојка на Игор. Од неа Елизабета навистина се изненади.

– Другар стар, ова е нешто неверојатно – му рече на Игор. Каде успеа да ја пронајдеш?

– На курсот по англиски – тивко и одговори. Замисли таа е мојот професор, а што е уште полошо, премногу ми се допаѓа. Не само што е неверојатно убава има и доволно мозок… Ти признавам, за мене тоа е премногу. Бети, замисли, те молам, јас дури сакам да се оженам со неа… јас сум до уши заљубен во неа…

– Колкупати ова сум го слушнала?! Дефинитивно, те прогласувам за загубен случај.  Ох, Игоре, зарем тебе тоа пак ти се случува. Ако за 24 часа, оваа убавица не стане твоја жена, да знаеш дека засекогаш ќе останеш непоправлив ерген.

– Знам, можеби си во право, но би ти предложил да се обложиме: ако добијам  ќе ми бидеш кума, ако изгубам цела седмица ќе бидам под твој строг надзор и нема да најдам нова… Важи?

– Прифаќам, чесно е – смеејќи се, му рече Елизабета. Премногу е глупаво да биде вистинито, Биди сигурен дека јас ќе добијам, а ти ќе бидеш тој  кој ќе се кае. Сега бегај кај твојата професорка пред да ја земе некој друг.

Игор, божем надуено ја погледна, мавна со раката така омаловажувачки, но очите чудно му сјаеја. Гледајќи го како кавалерски и се прикрадува на својата девојка, се обиде да го замисли како верен сопруг. Тоа веројатно во моментов не би одело, но којзнае, некоја негова убавица сигурно ќе му го најде крајот.

Забавата беше добра, атмосферата непосредна, а музиката опушташе. Иако без партнер не се чувствуваше осамена. Разговараше со гостите, се смееше на нивните досетки, ги слушаше најновите озборувања. Веќе беше прилично доцна, а никој уште немаше намера да замине. Елизабета со поглед го побара Игор. Беше идилично зафатен со својата девојка. Не сакајќи да ја прекинува љубовната занесеност на домаќинот, тивко се поздрави со останатите и незабележливо излезе.

Ја опфати морската тишина, испреплетена со сензуалниот плисок на водата. Тоа беше толку исполнета тишина што Елизабета ја опи. Се чувствуваше понесена. Ги соблече чевлите. Ја почувствува влажноста на ситната песок. Да беше десетина години помлада, сигурно без размислување би ја задоволила својата очајничка желба… Сега, во овој момент да ги почувствува брановите врз своето тело.

Како да сака да си ги “намести” мислите силно потрча. Трчаше се додека остана без здив. Нозете ја болеа, а во градите почувствува толку силен притисок што несвесно крикна. Тишината се наруши. И се пристори дека нејзиниот крик ги засили брановите. Стоеше како вкопана во ситната песок. Го запре дишењето. Чекаше се да се смири: и таа и морето и тишината. Помисли дека стои цела вечност, всушност, тоа беше само миг. Сé се смири. Седна и не се осмелуваше ниту да мрдне. Чувствуваше болка, длабока и тешка некаде во себе. Образите и се наросија. Цврсто ги стегна капаците од црните очи. Залудно, солзите и надојдоа како вистинска плима. Плачеше без глас. Напнатоста ја снемуваше со секоја  солза. Телото и се олабави. Како да стана дел од хармонијата околу неа. Во целиот свет беа сами, само тие, таа, морето и тишината. Се исправи и бавно зачекори. Не мислеше на ништо. Само одеше, одеше по Големата плажа. Стигна до  Малото пристаниште. Всушност, тоа не беше никакво пристаниште. Тоа беше место каде што стоеја старите чамци. Таа и сите други, тоа место го викаа Мало пристаниште. Седна во еден од чамците и запали цигара. Ветерот си поигруваше со нејзината коса. Елизабета малку се потсвитка да не и студи. Набљудувајќи го морскиот хоризонт вниманието и го одвлече силуетата која и се доближуваше. Беше доволно темно да не може да види кој е. Најпрво се исплаши,  но потоа виде дека е Игор. Ја промени својата положба, и í го сврти грбот на силуетата што доаѓаше. Сега гледаше кон градот. Ги затвори очите, го чекаше Игор да и се приближи доволно блиску. Кога го почувствува неговото присуство, силно прошепоти:

– Седни и слушај ме…

Продолжува

Loading