Многу убав збор. Убаво име. АВРОРА се вика божицата на зората во римската митологија. АВРОРА означува и зора, исток, поларна светлина, мугра. Тоа име го носи и воениот брод кој имаше значајна улога во Октомвриската револуција во 1917 година. За време на Советскиот сојуз тој брод беше укотвен на Нева во Ленинград. Не ја знаеме сега неговата судбина. Тогаш се чувствувавме горди што можеме да застанеме на палубата од тој брод. Но, да го оставиме тоа. Друго време, други идеали.
Сега не ни е целта да објаснуваме што значи зборот АУРОРА (АВРОРА). Овојпат не интересира графичкиот облик. Како треба да се пишува и да се изговара? Дали АУРОРА или АВРОРА?. Според правилата на нашиот правопис, во македонскиот јазик правилно е да се вели АВРОРА, а не АУРОРА. Според тоа правило, латинските дифтонзи (двогласи) АУ и ЕУ на македонски се предаваат како АВ и ЕВ: АУРОРА – АВРОРА, КЛАУДИУС – КЛАВДИЈ, АУРЕЛИУС – АВРЕЛИЈ, АУГУСТУС – АВГУСТ. Исто така – АВТОРИТЕТ (не ауторитет) РЕСТАВРАЦИЈА (не рестаурација), АВТОР (не аутор).
Има и исклучоци. Во ред зборови овие дифтонзи се предаваат со АУ и ЕУ: АУДИЕНЦИЈА, АУКЦИЈА, АУДИТОРИУМ и така натаму. Значи, како и во секое правило и овде има исклучоци. Но, АВРОРА, си останува АВРОРА, тука не постојат никакви дилеми. Чудно е, зошто во последно време, се прибегнува кон тоа зборот АВРОРА да се изговара и да се пишува АУРОРА! На пример, сме прочитале АУРОРА ТУРС. Станува збор за туристичка агенција. Сме ја среќавале оваа грешка и на други места и тоа мошне често.
Она правило за дифтонзите АУ и ЕУ во латинскиот јазик се однесува и за грчкиот. И во таква ситуација кога се транскрибираат грчки зборови со овие дифтонзи, на македонски се предаваат со АВ и ЕВ. Примерите се многу: АВТОНОМИЈА (не аутономија), АВТЕНТИЧЕН (не аутентичен), АВТОБУС, АВТОБИОГРАФИЈА, АВТОМАТ и многу други. И со ЕВ (наместо ЕУ) има многу примери – ЕВГЕНИЈА (не Еугенија), ЕВДОКИЈА, ПНЕВМОНИЈА, НЕВРОЛОГ и којзнае уште колку. Во ова се вбројува и именката ЕВРОПА (не ЕУРОПА). Но, и во ваквата ситуација како да се има некоја тенденција да се пишува и да се изговара по “странски”. Особено тоа се прави кога се зема дел од именката ЕВРОПА и се става како префикс на некој друг, новоформиран збор. Ќе наведеме само еден пример. Во Прилеп постои фабрика која носи име ЕУРОКОМПОЗИТ. А зошто не ЕВРОКОМПОЗИТ? Што е тоа што им звучи поубаво ако е ЕУРОКОМПОЗИТ. Вакви примери има многу. Немаме намера да ги броиме, но си го поставуваме прашањето: ЗОШТО Е ТОА ТАКА?!
Ќе набележиме и една друга, голема грешка. Многу тешко го доживуваме фактот кога ќе слушнеме големи грешки во телевизиските емисии за децата. Пред извесно време проследивме една таква емисија на една наша телевизија. Учесниците, главно деца, но се разбира, под раководство на професионална водителка. Таа зборува, ги насочува, им објаснува. Во емисијата се пее, се игра. На говорот на децата никој не обрнува внимание и ако тие зборуваат според некој напишан текст. Зборуваат дечињата на скопски говор, со типично скопска артикулација и со крајно изместен акцент. Се нервираме за лошиот говор не очекувајќи дека ќе чуеме непростлива грешка. Се поставува прашањето што треба да играат децата. Прашањето гласи: “ќе играме брканица или ЖМУРКИ”? Како е можно да се допушти ваква грешка и тоа во емисија од деца, за деца?! Зар никој не се сетил да и каже на водителката, дека на македонски не се ЖМУРИ, туку се МИЖЕ?! Позната е нашата детска игра МИЖИТАТАРА. Имаме и КРИЕНКА – МИЖЕНКА.
За ваква грешка не треба и не смее да се замиже. Но ете, нашата водителка, уредникот на емисијата, лекторот, не само што замижале туку дури и заспале.
Не може да ги разбуди ниту АВРОРА.
Благоја Ивчески