11 Октомври
Планираме десетина контроли – најавува тренерот Наумоски
Прв тест имаше 11 Октомври, против младинската екипа. Резултатот е 4-1 со двата гола на Јорданчо Наумоски, по еден на Лоренцо Николоски и Марјан Радески. Првотимците како одвај да чекаа натпревар, после базичните тренинзи.
– Навреме стартувавме со тестови. Утре играме со Новаци, в среда со Тополчани, во сабота со Гостивар. Планираме 10 пријателски – најавува Тони Наумоски, тренерот.
Играчкиот кадар се менува. Заминаа Коруновски, Игески, Крстески, Петрески и Гешоски, отсуствуваат Мирчески и Ацески, а дојдоа Ренато Момироски од Работнички, Христијан Сркески и Бојан Наумоски од Корзо, Филип Наумчески и Дарко Димитриоски од Победа. Стручниот штаб е непроменет, со асистентите Дарко Крстески и Круме Митрикески.
– Највозрасен сум, но не се предавам. Клубот може да смета на моите услуги нареднава сезона – вели Митрикески.
Соседот Победа од понеделникот тргна со тренинзи, се чека уште Корзо.
Апел од Панде
Тешка ситуација во ФК Корзо. Прославата за влез во Втората лига бргу стивна и дојдоа главоболките. Прашањето е како да се најдат 8 000 евра за котизација. Рокот е до 11 јули.
– Апелирам за помош. Фирми, пријатели на клубот слободно да се вклучат. Ако не обезбедиме пари, нема да играме во ниеден ранг, згаснуваме – предупредува Панде Трајчески, претседателот.