Десетти Пивофест од 12 до 15 јули

Пивски туристички воз, десетосед велосипед, оксиген бар за трезнење, пајтон, масажа на отворено, гратис кафе за будење во бесплатниот кампинг на Могилата, стриптизери и музичка забава со многу пиво ќе има на десетиот, јубилеен Пивофест од 12 до 15 јули. Ова го најави градоначалникот Марјан Ристески за претстојниот празник на пивото.
Прилеп ќе се претвори во престолнина на пивските љубители кои ќе ги уриваат сите рекорди. Организаторите најавија журка за незаборав со Лепа Брена, Мирослав Илиќ, Џеј Рамаданоски, Жељко Јоксимовиќ, Есма Реџепова, Петар Грашо, групите “САРС”, “Дубиоаза Колектив”, “Цонљуеринг Лион” (Македонија) Рас Зацхарри (Јамајка) и други.
Привршуваат подготовките за Фестивалот.
– На граѓаните ќе им се стават на располагање над 20 илјади м2. Ќе се дегустираат пива од три пиварници и повеќе овластени дистрибутери. За мезето ќе се грижат повеќе реномирани мајстори на скара. Ќе учествуваат: Прилепска Пиварница, Скопска Пивара, Битолска Пивара, дистрибутерот Лозар Пелистерка, дистрибутерот Лашко пиво и дистрибутерот на Будвар. Ќе се пробаат 20 различни видови на пива: Златен Даб, Крали Марко, Калсберг, Туборг, Горско, Скопско, Амстел, Хајнекен, Каменица, Стела Артоа, Јелен, Старо Прамен, Бекс, Светло и Темно Лашко пиво, Унион, Будњисер, Битолско пиво и Кенбах – информираа на прèс конференцијата.
Лани Фестивалот на пивото го посетија повеќе од 340.000 посетители, кои испија околу 248 тони пиво и изедоа околу 119 тони скара. Во градот влегле околу 26.000 регистрирани моторни возила.
Организаторите, Локалната самоуправа и невладината организација Центар за граѓанска иницијатива, ветувааат максимална безбедност на одржување на манифестацијата.
Македонски железници воведува во сообраќај, посебни возови на релацијата Скопје – Велес – Прилеп и обратно на 14 и 15 јули.
![]()

