За претстојниот викенд
Денеска, утре и задутре, Прилеп и Долнени ќе бидат домаќини на 250 учесници, солисти, дуети, пејачки групи и оркестри на изворни инструменти на 38 Фестивал на народни инструменти и песни “Пеце Атанасоски”. На фестивалот ќе настапат и гости од Србија, Романија и Америка.
Директорот на Фестивалот Весна Атанасоска – Вучиќ вели дека специфика на годинешното издание е учеството на деца, кои свират на гајда, кавал, писка, тамбури, тапан и пеат изворни песни, следејќи ги традициите на своите дедовци и прадедовци.
– Младите потомци на корените на своите претци ги зафати еуфорија по народните инструменти и негување на народното творештво. Ја покажуваат својата дарба и афинитети и посакуваат да ги одмерат “силите” со мајсторите на народни инструменти – вели Вучиќ.
Во петок, во спомен куќата на Пеце Атанасоски во Долнени ќе биде отворена ретроспективна изложба на фотографии, а в сабота се организира трибина со еминентни етномузиколози од регионот.
Фестивалот ќе се отвори в сабота на плоштадот Александрија во 20 часот. Прилепчани ќе откријат споменик во центарот градот и ќе го овековечат Пеце Атанасоски, гајдџијата кој го прослави градот во светот и го афирмира македонскиот фолклор.
Натпреварувачки дел е в недела на плоштадот Александрија.