По петтата колонија Дрен на ЦК “Марко Цепенков”
Манастирскиот комплекс “Св. Илија” во селото Дрен и годинава беше творечка инспирација за 13 учесници на ликовната колонија Дрен, во организација на ЦК “Марко Цепенков”. Твореа, се дружеа, разменуваа искуства сликарите Светлана Солодовникова и Олга Петракеева од Русија, Драгана Бранковиќ и Мита Ристиќ од Србија, како и македонските уметници Сергеј Дамовски, Христина Зафировска, Владимир Кнежевиќ, Силвана Атанасовска, Мирослав Стојановиќ, Верче Димовска, Тони Чатлески, Анка Данаиловска, Владимир Темков, Илина Арсова …
Воодушевени од волшебната природа создадоа дела за трајно наследство на Центарот и на државата, бидејќи колонијата финансиски ја поддржува Министерството за култура.
Со боите и четките уметниците своите инспирации ги пренесоа на платната.
– Првпат сум тука и многу ми се допаднаа манастирот, природата… Чистиот воздух генерира творечка енергија. Изработив неколку дела – реална слика на манастирот и апстракција, оти сум многу воодушевена – рече Светлана Солодовникова од Русија.
Сонародничката Олга Петракеева не го крие задоволството што е учесник на колонијата.
– Воодушевена сум од одличната организација. Прекрасната природа ме плени – изјави Олга.
Мита Ристиќ од Србија, вторпат на колонијата, појаснува дека ја овековечил природата околу манастирот.
– Цвеќињата носат радост, позитивна енергија. Затоа насликав неколку слики со кои ги овековечив дренските цветови.
Драгана Бранковиќ од Србија, освен што сликаше, ја фотографираше дренската натура, а Мирослав Стојановиќ посочи дека колонијата била убава можност да се запознае со колеги и да размени мислења.
Делата ќе се презентираат на манифестацијата “Цело лето – културно лето”.
Изложба на слики од Светлана Солодовникова
“Два света” е тематската изложба на слики од руската уметница Светлана Солодовникова што ќе биде отворена в четврток, 12 јули од 20 часот во ЦК “Марко Цепенков”.
Уметницата твори дела со различен колорит – пејзажи, мртва природа, апстракции, бидејќи претендира на експерименти. Завршила уметничко графички факултет на Московскиот државен педагошки универзитет М.Шолохов во 2001 година. Во 2001 година ја формирала уметничката група “Соло”, со членство на повеќемина уметници од Русија.
Во 2004 година ја завршила Руската академија за државна служба при Претседателот на Русија – специјалност – уметничко управување.
Во 2008 година за нејзиното уметничко дејствување на полето на културата во светот е наградена со орден “Единство – дејствување во интерес на народите”.