ДРВЕНА КАМБАНА

Дрвена камбана!!! Ова до сега не бевме го слушнале. Ќе објасниме каде и во каква пригода го чувме овој апсурд.

Пред поголемите празници (особено пред Божиќ и Велигден) телевизиите подготвуваат специјални емисии. Се зборува за значењето на празникот, за обичаите, за начинот на празнувањето. За подетални објаснувања, честопати, се покануваат свештеници, историчари, етнолози. Во многу случаи и новинарите информираат, објаснуваат за многу детали поврзани со празникот, со богослужбата и со многу обичаи.

Годинава, пред Велигден, ситуацијата беше таква. На една телевизија, новинарката опширно објаснуваше за значењето на празникот и за многу нешта поврзани со него. Се повтори, често употребуваната грешка со камбаните. Новинарката ги вика ЅВОНА. Да објасниме уште еднаш. Во македонскиот јазик не постои именка ЅВОНО. Постои ЅВОНЕЦ (голем) и ЅВОНЧЕ (мало). А големите ѕвонци во црквите се викаат камбани, а не ЅВОНА. Објектот каде што е поставена и каде што бие камбаната се вика камбанарија.

Објаснува новинарката за Велигденските пости и се задржува на ВЕЛИПЕТОК. Објаснува дека тоа е најцрниот, најтешкиот ден во постите, бидејќи тогаш е распнат Христос на крстот. Вели, дека на тој ден во црквите биеле ДРВЕНИ КАМБАНИ (таа ги вика ДРВЕНИ ЅВОНА). Очигледно, новинарката не знае што зборува. Какви ли се тие ДРВЕНИ КАМБАНИ?! Па тоа е КЛЕПАЛО, а не КАМБАНА. Секоја црква има клепало, а во некои мали и зафрлени села каде што нема камбани, секогаш се користи исклучиво КЛЕПАЛОТО. Не сме сигурни дали треба да го објаснуваме и да го опишуваме КЛЕПАЛОТО?! Но, ајде! Помладиве можеби не знаат како изгледа. Тоа е всушност една штица, долга околу еден метар и широка триесетина сантиметри. Обесена е на некој погоден објект (ѕид, дрво и слично). На штицата се удира (се клепа) со две удиралки. Тие се дрвени со должина помалку од половина метар и со чекановидна форма. Како и кај камбаната, и кај клепалото ритамот на биење е различен, зависно од моментот кој треба да се одбележи.

Сме запаметиле уште од детските години една легенда за клепалото. Од шумата требало да се одбере погодно дрво од кое ќе требало да биде направено тоа. За да имало подобар звук, човекот што ќе го носел дрвото од шумата, во еден момент требало да заборави што носи на плеќите. Ако се случело тоа, звукот на клепалото ќе бидел многу пријатен.

Ете, за таквото дрвено клепало новинарката вели дека било ДРВЕНА КАМБАНА. А таа направи и друга грешка, која не е јазична. Вели дека на Велипеток (Распетпеток) биела дрвена камбана (клепало), а всушност, за време на Велигденските пости, камбаните бијат само во сабота и во недела. Во сите други денови, од Прочка до Велигден, бие само клепалото, бидејќи тоа се денови на жалост. Ова, на наша молба, ни го објасни еден свештеник мошне љубезно. Слатко се изнасмеа кога му кажавме за ДРВЕНАТА КАМБАНА, за која слушнавме на телевизија.

На една друга телевизија, еден друг новинар или како што вели самиот тој “Ја као новинар”, зборува некако, прескакулица, на разни теми. Држел диета и бил ослабен и ако ПРОДУЖЕЛ така, ќе станел многу ЛЕП. Зборува тој така, кажува за некои ПЛАВУШИ, ама имало и некои ЦРНУШИ. Зборува нешто за ПРОШЛАТА емисија. Од грешка до грешка. Вака не би зборувал и полуписмен човек, ама ете тој вели “Ја као новинар”. Не пропушта тој да ги прокоментира и Велигденските пости и самиот празник Велигден. Вели,  “На Велигден, Христос е РАЗАПНАТ!”. Каде ли го најде тој збор – РАЗАПНАТ? Па, нели знаеме за РАСПЕТИЕ (не разапетие), нели и петокот се вика уште и РАСПЕТПЕТОК. Значи, Христос е РАСПНАТ, а не РАЗАПНАТ. Христос е распнат во петокот, а новинарот вели дека е тоа на Велигден. Ајде, тоа можеби му беше случајна грешка.

Да се послужиме малку и со Библијата. Кога го водат Христос на распнување, тој се моли за тие што го водат. Вели: “Прости им Господи, оти не знаат што прават”. Па, еве и сега! Прости им Господи на нашиве новинари. Многу често и мнозина од нив не знаат што прават. Поточно, не знаат што зборуваат.

Благоја Ивчески

Loading