Српски, бугарски ученик, па педагог и директор на гимназијата и народен пратеник дал ука на илјадници гимназијалци…
Цветан Беличанец ја тера 92-та година од животот, а не му бега ни година ни датум, од неговата неколку децениска образовна и општествено одговорна дејност. Како да било вчера се сеќава на времето кога завршил основно образование во Прилеп во Кралстсвото СХС, а подоцна кога матурирал во окупираниот Прилеп 1941-ва. Учел гимназија на српски јазик, а матурирал на бугарски. Некое време за окупацијата бил писар во судот, а подоцна бил во НОБ. Како поучен припадник на партизаните ја организирал народната власт во мариовскиот и тополчанскиот округ, добивајќи чин потпоручник.
По завршувањето на војниот рок, студирал историја на филозофскиот факултет во Скопје. Заради успешноста во студиите добил стипендија. Го држи умот и го памти и бројот на индексот – 185. Дипломирал во рекорден рок. Еден семестар минал во Загреб, учејќи и помошни историски науки. Покрај германскиот и францускиот, го научил и рускиот јазик за да ја совлада литературата. Завршил еден факултет, ама сакал уште еден, па стасал до апсолвент на правен факултет. Материјалните услови го спречиле да го доврши.
– Времето бараше квалификувани кадри. Уште како додипломец ми нудеа да бидам професор во охридската гимназија. Положив државен испит за професор и работев во Охрид три години. Поради лошите услови за живот, а фамилијата ми беше во Прилеп, ја сменив средината. А и прилепчани ме сакаа “во своите редови”. Од 53-та, две години бев професор во гимназијата, после девет месеци заменик директор, и после девет години и еден месец бев директор на најголемата образовна институција во градов. Гимназијата ја начекав “ганц” нова. Личеше на конзерваториум – бистро се сеќава Беличанец во десеттата деценија.
Гимназијалец беше гордост
Важно е што првин наставата се изведувала на македонски јазик. Учениците биле воспитани, трудољубиви и одговорни. Кај родителите важело мотото “Ако сакаш да станеш човек, запиши се во гимназија”. Сите ученици биле вклучени во воншколски активности. Спортскиот живот во градот го чинеле гимназијалците. Една половина од ФК Победа бил од гимназија. Активни биле и во работничките акции. Пошумувале, сушеле блата, граделе патишта, ама сето тоа било канализирано и организирано под будното око на директорот – Цветан Беличанец, кој може да се пофали дека на него се сеќаваат сите ученици кои стигнале до престижни работни позиции.
– При крајот на третиот директорски мандат, во гимназијата имаше 1200 ученици, повеќе отколку вработени во Тутунскиот комбинат. Кадарот од 60 професори беше одличен. Родителите со гордост кажуваа дека детето им е гимназијалец. Програмата и предметите беа доста тешки, а професорите строги и правични. За гимназија, потребно беше талент. Ги оценував професорите и од тоа зависеше платата. Младинскиот сојуз беше толку моќен што директно влијаеше на оценките на соучениците – кажува Беличанец, потенцирајќи дека дури и на улица се познавал гимназијалец по стекнатите манири.
Иако гимназијата имала чувар, Беличанец работел две смени. Се грижел за инвентарот и за некоја непогода, одел дома само на ручек и се враќал во гимназија “да ги изброи керамидите дали се на број”. Инспекторите и министрите со задоволство доаѓале, и уште позадоволни заминувале, давајќи највисока оценка.
Настава за наставници
Во 1965 година станал професор на вишата педагошка школа во Битола, бил 11 години, а после уште 12 во скопската педагошка академија.
– Иако бев прилепчанец, во Битола и во Скопје бев “цар”.Секој ме почитуваше. Негував одлични односи со колегите, бидејќи имав стекнато углед – гордо се сеќава Беличанец.
Како познат академски граѓанин и активен во политичкиот систем од 1969 до 1974-та година бил пратеник за просвета и култура во сојузниот парламент во Белград. Во четири града (Битола, Демир Хисар, Крушево и Прилеп) не се нашол човек кој би “излегол на мегдан” за пратеничкото место. Учествувал во изгласувањето на последниот југословенски устав во 1974-та.
Повќепати бил наградуван. Во домашните витрини стојат два ордена – за заслуги и за труд од СФРЈ, златна плакета од универзитетот “Св. Кирил и Методиј” и на 3-то ноемвриската награда.
Пензионер е од 1986 година. Здравствено одлично се чувствува. Умот му е како срча, небаре во цутот на младоста. Не мирува и во пензионерските денови. Чита и пишува. Автор е на повеќе учебници по историја, од кој еден е цитиран во книга од болоњскиот универзитет.
Мал е просторот кој може да го издвоиме за овој навистина голем прилепчанец.