– В година ќе се постави грандиозен споменик на Крали Марко на местото а Ченто, првиот претседател на президиумот ќе се пресели на неговиот плоштад
– Ќе се открие в чаршија споменик за гајдаџијата Пеце Атанасоски
Споменик на Ѓорче Петров ќе се постави во центарот за десетина дена, за 91 годишнината од неговата смрт. Со реконструкцијата на централниот плоштад, се подготвува околината за споменикот од околу два ипол метри. Градоначалникот Марјан Ристески изјави дека обврска е на сегашната генерација да ги респектира истакнатите прилепчани.
– Не ќе останеме должни и ќе го овековечиме делото на големиот македонски револуционер – Ѓорче Петров. Споменикот е речиси готов и за една недела ќе се постави во близина на споменикот на Кузман Јосифоски – Питу и реконструираниот меморијален музеј 11 Октомври – рече Ристески.
Таткото на градот најави пренесување на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот, што го носи неговото име. Тоа ќе се направи во соработка со семејството на Ченто.
– На местото на споменикот на Ченто, в година ќе поставиме грандиозен споменик на Крали Марко, бидејќи во близината има остатоци од градба од 14 век. Прилепчани се познати како потомци на легендарниот крал Марко, а општината се препознава и под името, градот под Марковите кули – објасни Ристески.
За отворањето на фестивалот на народни песни и инструменти на 6 јули, во Старата чаршија ќе се открие споменик на славниот прилепски и македонски гајдаџија Пеце Атанасоски.
Општината планира да ги запишува трајно во историјата и Блаже Конески и Круме Кепески, оти оставиле длабоки траги за своите сограѓани. Двата споменици ќе го освежат таканаречениот литературен плоштад со водоскок, каде веќе е поставен Марко Цепенков.
Градот му крена споменик за приднесот во револуционерното движење на прилепчанецот Пере Тошев во Старата чаршија. Пред Центарот за култура се поставени 15 плочи со имињата на Прилепчани, кои го прославиле градот.
![]()

