ЦК “Марко Цепенков” со манифестација
“Цело лето културно лето”, е манифестацијата што ќе ја организира ЦК “Марко Цепенков” во летниот период. Стартот е со петтата меѓународна ликовна колонија “Дрен”, која започнува денеска. До седми јули во манастирскиот комплекс “Свети Илија”, во преубавата природа, ќе творат 13 уметници од Македонија, Русија, Србија. Од Русија слики ќе создаваат Светлана Солодовникова и Олга Петракеева, од Србија Драгана Бранковиќ и Мита Ристиќ, а од македонските уметници меѓу другите ќе творат Силвана Атанасовска, Сергеј Дамовски, Христина Зафировска, Мирослав Стојановиќ, Верче Димитровска, Владимир Кнежевиќ.
– Ќе понудиме бројни театарски претстави, концерти, изложби, со кои ќе ги анимираме граѓаните. Заедно со општината ќе се обидеме да го заживееме амфитеатарот во Варош – вели директорот Тони Чатлески.
Во соработка со ДЛУП и уметниците, Центарот ја отвори продажната галерија Аче. Секој љубител на уметноста, во галеријата, која го носи името на славниот незаменлив прилепски уметник, ќе може да набави уметничко дело по цени што самите уметници ќе ги утврдуваат.
Галеријата Аче се реактивира по 20 години.