Фудбал: Второлигашите бараат по осум илјади евра за котизација
Корзо, 11 Октомври и Победа јуниор собираат пари до 11 јули
Еден од најтешките периоди за фудбалот во градов. Ниеден прволигаш, а три второлигаши и голема неизвесност дали ќе се создаде барем еден силен тим за пробив кон највисокиот ранг. Времето истекува, а сите креваат раменици, не се знае ништо конкретно по кој пат се тргнува.
Во 11 Октомври, довчерашниот прволигаш, имаат задача да ги задржат првотимците, барани од посилните екипи, но тешко оди. Заминаа голманите Коруновски и Игески, бранителот Крстески, за врска Петрески, напаѓачот Гешоски. Фудбалерите би останале само да видат дека има некаква сигурна иднина, амбиции од луѓето кои ќе застанат на чело.
– Штета да се испушти генерацијата. Потребни се напори, а и градот ќе помогне. Очекувам средба кај градоначалникот. Прилепчани се уште “болни” за фудбал, ние отпаѓавме, а тие ја преполнуваа трибината. Треба да им овозможиме да гледаат најквалитетни натпревари – смета Тони Наумоски, тренер на 11 Октомври.
Проблемите се организациски и финансиски. Кој ќе го води клубот, кој ќе дава пари. Нужно е итно да се реагира. За еден второлигаш да се натпреварува во сезоната потребно е да плати 8. 000 евра за котизација. Сумата ФФМ ја користи за исплата на судии, делегати, контролори, за плаќање картони и казни. Прилеп за трите клуба треба да издвои 24 илјади евра. Има оптимизам, бидејќи и порано била криза, а се најдувале решенија, но поприсутен е песимизмот.
– По претпријатија наидуваме на затворени врати. Тешко е. Финансирав пет години и немам сили. Нека повели било која компанија. Зашто може да се случи најлошото, не само да се откажеме од Втора лига, туку да згаснеме сосема – вели Панде Трајчески, претседател на Корзо.
Не е подобро ниту во Победа јуниор. Лани се истурка некако дебитантската второлигашка сезона, со спас во претпоследното коло, а прашање е како натаму. Младиот состав, сега без заминатите Талески и Трајкоски, не е доволно силен да собира бодови за пласман при врвот. За засилувања од страна, потребни се финансии. Сé се врти околу парите.
– Приврзаник сум на подолгорочна стратегија, не кампањска. На генерациите да им овозможиме да созреваат. Треба трпение, успех нема преку ноќ. Се надеваме на услови подобри од лани, да можеме да тргнеме кон подобри резултати – истакнува Златко Петрески, тренер на Победа јуниор.
Новото првенство во Втората лига стартува на 11 август.
Тренира само 11-ти
Почнаа подготовките на 11 Октомври. Тренерите Тони Наумоски, Дарко Крстески и Круме Митрикески немаат комплетен играчки кадар од пролетоска. Не се знае ќе има ли засилувања и каде ќе се реализираат тренинзите. Сосема извесно е дека ќе се користат терените во градов.
Победа ј. одржа состанок, а в понеделник закажа прозивка, додека Корзо нема дефинирано за првиот собир.
Интерес од позната фирма
Околу 11 Октомври се врти потенцијален спонзор. Според шпекулациите, се работело за доста позната фирма од автомобилската индустрија. Порано била вклучена во повеќе клубови кои излегувале на европска сцена. Дали само една или повеќе компании се заинтересирани за влез во 11 Октомври.
Убаво беше со ПИ Витаминка, сега се чека алтернативата.
![]()

