ОСУМ ЧАСА ИЗВЕШТАЈ

Историја

Наместо како сега со компјутер, некогаш спортските извештаи се диктирале преку телефон. Не од дома, бидејќи во градов ретко кој имал инсталирано апарат, туку од старата пошта, сегашна Комерцијална. Новинарите се соочувале со танталови маки.

– Есента 1963 година праќав извештај за “Вечер” од мечот Победа – Слога Краљево. Имаше четири кабини. Истовремено за белградски “Спорт” се јавуваше колегата Миле Талески. Се надвикувавме, линиите беа лоши. Само што ќе почневме прекинуваа. Чекавме и пак продолжувавме. Некогаш по пет – шест, а тогаш извештајот го дадовме по осум часа! Девојките Васе и Милка не чекаа за прошетка, се беше завршено – се сеќава Драги Башески, новинарот.

Проблемите се забораваат, ако утрото авторот го види извештајот, онака како што го замислил. Но, доколку во редакцијата погрешно слушале, погрешно објавиле. Играчите не можат да се пронајдат со вистинските презимиња. Наместо Стојкоски – Пројковски, наместо Трајкоски – Рашкоски… Фотографиите се ваделе по три – четири дена, а се објавувале по недела – две.

– Многу обемен материјал испраќавме, за сите спортови. Неминовни беа пропустите. Немаше лутење, весниците беа масовно читани. Секое време со свое бреме – вели Башески.

Loading