Ракомет: Успешни преговори во Жито Прилеп
Женскиот ракометен суперлигаш Жито Прилеп летово ги задржува најдобрите првотимки. Голманката Дијана Наумоска и пивотот Марија Серафимовска продолжуваат да ги бранат боите на клубот наесен. Остануваат разговори со шесте засилувања: бековите Мркиќ, Цветановска, крилото Здравевска и трите од странство, голманката Јаломитеану, крилата Матановиќ и Стојановиќ.
– Има шанси да останат, оти имаат валидни договори – информира Звонко Јанков, потпретседател на ЖРК Жито Прилеп.
Заминаа, крилото, Црногорката, Павичевиќ и бекот, Штериова. Преговорите за засилувања се при крај. Идната недела ќе се објават имињата на четири – пет нови, млади и талентирани. Две битолчанки веќе привршуваат со преговорите.
– Ќе го освежиме составот. Одбираме ракометарки од домашниот пазар – истакнува Јанков.
Управата го усогласува клубот со новите прописи. Финишира трансформацијата во акционерско трговско друштво. Доставена е пријава за учество до домашната лига, а наскоро е и ждрепката за европскиот КПК. Првиот собир за подготовките со новиот тренер, битолчанецот Борче Марковски е околу 20 јули.