ЛЕТ БРОЈ 21 (2)

ЛЕТ БРОЈ 21 (2)

Студената вода ја смири. Својата црна немирна коса убаво ја превитка во голема фротирска крпа. Си го погледна телото во огледалото. На него, отсекогаш í завидувале другарките, колешките, па дури и обичните познанички. Елизабета никогаш не беше свесна за совршената физичка убавина. Таа и овојпат беше задоволна со изгледот. Ја облече маицата со која обично спиеше, сушејќи ја косата ја прегледа поштата, ги слушна телефонските пораки и го погледна утрешниот работен потсетник. Ништо значајно. Во канцеларијата би можела да појде дури околу пладне. Се чувствуваше уморна. И требаше сон. Надвор почна да врне. Ги навлече завесите и се струполи врз креветот, повторувајќи неколкупати гласно: морам веднаш да заспијам. Црната коса í се разлеа врз свилената постелнина. Темнината í годеше. Цврсто ги затвори очите. Побрзо отколку што се надеваше, сонот и долета… беше тоа лет број 183…

Утрото беше тмурно и врнежливо. Лежеше на креветот со ширум отворени очи, плашејќи се гласно да дише, да не го наруши звукот на дождот што се слушаше од улицата. 15 до 9, а можеше да спие уште два часа. Беше будна и необично расположена. “Кој вели дека времето и расположението одат заедно” – си  рече, притоа, чудејќи се на што се должи ова нејзино утринско задоволство. Не можеше да се сети што сонуваше, но веруваше дека добриот сон си го сторил своето. Се протегна и го вклучи радиото. Добриот ритам како уште повеќе да í ја раздвижи крвта во вените. Ѓаволесто скокна и во тактот на музиката се упати кон бањата. Ги миеше забите кога го чу ѕвончето. Кој би можел да е? -помисли.

– Доаѓам – викна  и се упати кон вратата.

– Кој е?

– Г-ца, Елизабета Вајс, телеграма…

Елизабета ја отвори вратата, ја зеде телеграмата и, заблагодарувајќи му се на поштарот, се чудеше што може ова да биде. Ја отвори веднаш: “Прости – стоп-денес – стоп- нема – стоп да дојдам – стоп. Средбата – стоп – дополнително – стоп – ќе ја договориме – стоп. Поздрав – стоп – “Закопано богатство” -стоп.

– Очигледно мојата среќна паричка ја потрошив пред да ја видам?! – му се обрати на ликот во огледалото. Тоа ти е Елизабета твојата среќа, а ако сакаш и судбина. Ја стутка телеграмата и отиде да си направи јако црно кафе. Беше разочарана, но не онолку колку што знаеше да биде.

– Е,  па,  господине “Закопано богатство” – си продолжи на глас – ако си дозволувате таков луксуз да ја откажувате нашата средба, која и премногу долго ја чекав, би била пресреќна да можам да ти кажам дека ова посебно ме радува… барем ќе нема потреба да ти објаснувам зошто мојата среќа за несреќа ја барам преку оглас…

Отиде до тоалетната маса, го зеде неделникот и го фрли во кантата за ѓубре. Се облече и видно  добро расположена, замина на работа.

Иако не беше пространа, адвокатската канцеларија на Елизабета беше сместена во богатиот деловен кварт во градот,близу централната судска палата. Беше доста елегантно уредена. Црно – белиот контраст на мебелот беше показател за присуство на перфектна организираност. Нејзината способност и верност во работата, за неа значеше многу повеќе од она што како природна убавина го поседуваше. Совршениот ред кој самата го создаваше даваше впечаток дека и чадот од цигарата која догоруваше во пепелникот е на вистинско место, во вистинско време. Знаеше деке не е некоја крупна адвокатска ѕверка. Се држеше до своите принципи и во “името на законот”  и тоа како се гордееше на своите адвокатски победи и порази. Амбицијата еден ден да стане судија не ја напушташе. Но, по долгогодишната адвокатска пракса, знаеше дека до неа нема да стигне преку ничиј кревет. А до сега имаше најмалку десетина такви прилики. Токму тоа и беше доволна причина да се држи понастрана од компромитирачките и провокативни правни приватни кругови. Доволно и беше да ја ценат по стручноста и квалитетот. Можеше да се теши со фактот што сепак беше почитувана од своите колеги за она што го работи. За жал, знаеше дека најголемиот број од нив својата почит би и ја искажале само до колку успеат да ја сместат покрај себе, макар за една ноќ.

– Добар ден Елизабета, те очекував подоцна – í рече нејзината помошничка Сузана која веќе три години работеше за неа.

– Кафе ќе добиеш веднаш, само да ја довршам документацијата за нашиот среќен чичко пензионер.

– Добар ден,  Сузана – отпоздрави Елизабета.

– Знаеш, утрово дојдоа од осигурителното… Замисли, дури се извинија за грешката. Какви глупости… Три месеца нé малтретираат со кутриот пензионер, и сега, оп, ја нашле грешката… Супер. Очигледно ќе треба да одам на курс за компјутери. Овој наш сезнајко  уште тешко го совладувам. Еве само уште да притиснам… ох не, отиде цел мој труд по ѓаволите…

Елизабета смеејќи се, се доближи до бирото на Сузана каде таа веќе на големо го одвиваше својот прв двобој со новиот компјутер и сериозно и рече:

– Ќе мораш од почеток.

Сузана позелене.

– Не е можно – викна гласно. Ги притискав типките како што треба. Последно беше “Р” и на мониторот требаше да излезе целиот приказ на досието и… и да биде мемориран…

– Дали навистина така направи Сузана – и понатаму сериозна беше Елизабета.

– Да, сто на сто сум сигурна… или пак згрешив, можеби…

– Ќе морам да размислам. Можеби е крајно време да добиеш отказ или пак да запомниш дека по “Р” следува “ентер” и дај да видам што си сторила – и се смееше Елизабета, гледајќи како Сузана  ја  враќа бојата на лицето.

– Благодарам за помошта – и рече божем луто. Одам по кафе, а покрај него ќе го добиеш и мојот отказ. Сепак ќе ти оставам избор. Или јас или твојот нов сезнајко – и рече одважно покажувајќи на компјутерот.

– Па, ако размислам добро – го прифати Елизабета предлогот – биди сигурна дека би се одлучила за него. Но… бидејќи уште не е усовршен да вари добро кафе, те задржувам тебе, а него веќе го пакувам!?!

– Паметен избор – задоволно констатира Сузана, ги стави рацете на својата тенка половина и додаде –  те честам дупло кафе.

– Бидејќи цело утро вредно работам – и се обрати Сузана, носејќи ги црно – белите  големи филџани за кафе, заслужувам пауза.

Продолжува

Loading