Мноштво средновековни споменици
Тие кои бараат рај на земјата, мора да го посетат – Џорџ Бернард Шо
Дубровничка република – ренесансна престолнина
Како со времеска машина, Дубровник ве враќа во ерата на ренесансата, со безбројните тврдини, тесни сокачиња и споменици на златното доба на дубровничката република. Време кога патриците се шетале дотерани и ги посетувале нивните поседи, а плебејците трчале да сработат нешто во градските дуќани и занаетчиски работилници. Како и во секој средновековен град и во Дубровник имало ѕидини со распоредени војници, а во пристаништето флота со над 100 воени бродови – гордост на Дубровничката морнарица, четврта во светот. Вриело од конзули кои брзале да испрат некоја вест до нивните суверени. Во воздухот се чувствувал мирисот на морето и постојаната опасност од ривалските, Венецијанската република, Османлиите и Унгарците.
Во сегашноста се стигнува до “јадранскиот бисер” и се полнат очите со сé она што Дубровник го нуди со доаѓањето преку дубровничкиот аеродром, оддалечен 20 км. Ако решите да допатувате со автомобил до “земниот рај”, ќе ги видите сценските убавини покрај јадранската магистрала.
Е, кога ќе стигнете во стариот град, ќе се чувствувате изгубено, ама само за кусо. Следејќи ги знаците, лесно ќе се снајдете. Каде се мотелите, каде се продавниците и спомениците… Сокачињата се првенствено наменети за пешачење, затоа што се тесни и во голема мера нагорни. Прво што паѓа во очи е Градската Хала обновена во барокен стил по земјотресот 1667 год. На неа се видливи старите хералдички знаци кои го делеле Дубровник од другите држави на бојното поле, во трговијата и развиената дипломатијата.
Ако се загледате нагоре, нема да ви побегне од вид Минчетовата Кула, изградена откако Далматинците слушнале за турското освојување на Цариград. Во миг ве опфаќа сенсот на времето кога палбата на мускетите, полнењето на топовите, фрчењето на стрелите и мирисот на барут било секојдневие. Историјата на Дубровник е скоро иста како сите републики на Балканот. Интензивен развој, внатрешен пад, странска интервенција и на крајот периферија на голема сила, во случајов на Австро-Унгарија. Дубровник никогаш не се вратил на старата слава, но од 1991 година е свој на своето, град во составот на Хрватска.
Само шетањето по Страдун (главната улица) е единствен излез од менталната слика за богатата историја на овој град. За да се вратите во минатото можете да посетите неколку од многуте музеи, меѓу кои и спомен куќата на Марин Држиќ.
Ако научивте нешто ново за старото, редно е да научите нешто ново за новото.
Посетете некој од летните фестивали. Насмејте се на Дубровничките летни игри, каде комичните опери ќе ве фрлат на под. Ако сте љубител на седмата уметност, прекрасно ќе ви дојде Филмскиот фестивал “Либертас”, каде се прикажуваат кратки “инди” филмови од независна продукција.
Како турист, сигурно ќе ви дојде на ум да се “брцнете” во Јадранот. Нема да згрешите. Дубровник има 250 сончеви денови во годината, а летно време просечна температура е 26 степени. Плажите се налик на карипските, со ситна песок и сино – тиркизна вода. Има доста места на кои можете да отседнете, а дубровчани се гостопримливи и љубезни луѓе. Ќе ви покажат сé што сакате да видите и ќе ве упатат каде што сакате да одите.
Останува на Вас да го откриете градот кој го инспирирал Шекспир за неколку негови дела.