22.06.2012 година – ДЕН ЗА ПАМЕТЕЊЕ. И за радост, би рекле. А што се случи на тој ден? Се случи ли нешто големо и важно? Но, понекогаш и ситниците се големи. Зависи кој како гледа на работите. За нечие гледање и ситницата е крупна и обратно. Да не го шириме многу воведов.
Повеќепати сме се изјаснувале за предлогот ВО. Сме пишувале за неговата погрешна употреба. За неговото пишување и каде треба и каде не треба. Сме се изнаслушале дека некоја наша делегација заминала ВО посета на некоја туѓа земја. Не ретко сме информирани дека едикојси фудбалски тим два натпревари ќе играл дома а три ВО гости. Ние, Македонците, кога си се посетуваме приватно, велиме дека си одиме НА гости а не ВО гости. При приватните посети велиме дека си одиме НА посета а не ВО посета. Но, кога треба официјално да се изразиме по медиумите тогаш ќе речеме дека Претседателот на Македонија бил ВО посета на Словенија. Зошто ги правиме овие грешки? Не присилува ли некој на тоа? Не тера ли некој буквално да ги преведуваме српските изрази? Србите велат У ГОСТИМА, ние – ВО ГОСТИ! Кој не тера на вакво нешто? Никој! Ние самите. Нашата национална инфериорност. Србите велат – ИДЕМ У ШКОЛУ, ние (особено Скопјани) – ОДАМ ВО ШКОЛО, наместо ОДАМ НА УЧИЛИШТЕ.
Ќе следиме пренос од некој спортски настан или од некоја друга манифестација и новинарот ќе ни каже дека преносот го следиме ВО ЖИВО. А ние, преносот ќе го следиме или ЖИВО или ДИРЕКТНО. Какво е тоа ВО ЖИВО? Какво ќе биде обратното?!
Кога спориме со некој соговорник на некоја тема, за некои факти, ако мислиме дека соговорникот НЕ Е ПРАВ или НЕМА ПРАВО така да мисли, ние велиме – НЕ СИ ВО ПРАВО. Зошто? Само поради тоа што Србите велат – НИСИ У ПРАВУ. Зошто ги отфрламе нашите изрази – НЕ СИ ПРАВ или уште подобро – НЕМАШ ПРАВО?
Немаме право на вакви грешки. Немаме право на вакви непотребни буквални преводи. Немаме право да ги потиснуваме, некаде в ќош, нашите изрази, нашата лексика, нашата синтакса. Немаме право зашто ќе го исплакнеме, ќе го испосниме нашиот јазик, ќе го насочиме на погрешен правец. Ќе заличи на нешто друго, а и ние ќе престанеме да личиме на себе. А секоја грешка во јазикот, колку и да е ситна, води кон обезличување, па и кон однародување.
Да се вратиме на насловот – ДЕН ЗА ПАМЕТЕЊЕ. Зошто го насловивме овој напис токму вака? Слушавме вести на Радио Скопје. Не многу внимателно. Во еден момент како да заслушнавме дека на словенечкиот амбасадор во Македонија му истекол мандатот и дека тој ќе си замине од таа функција. Имаше амбасадорот некое пригодно обраќање, но не успеавме да дознаеме пред кого. Сето тоа и не е важно. Најважното во тој момент (според нас) беше фактот што се изнаслушавме ПРЕКРАСЕН македонски јазик. Не направи човекот ниту една грешка. Дури ни во самата интонација и во бојата на гласот, не можеше да се препознае дека човекот не е Македонец. Во целиот тој (најмакедонски) говор, слушнавме нешто што посебно ни предизвика радост, па дури и восхит. Амбасадорот во еден момент ја изговори следнава реченица: “Претседателот Ѓорге Иванов беше НА посета во Словенија”. Замислете, словенечкиот амбасадор не вели дека Иванов бил ВО посета на Словенија, туку вели НА посета во Словенија. Дали го научил тој тоа (правилно), учејќи го македонскиот јазик или некој му го лекторирал текстот, воопшто не е важно. Важно е дека по толку долго време, по толку многу години, слушнавме некој да му го најде вистинското место на предлогот ВО.
Слушнавте ли господа новинари (ако воопшто слушате)?
Слушнавте ли господа политичари (ако воопшто ви е важно тоа)?
Слушнавте ли Македонци? Јазикот е тој што не прави Македонци.
Ние лично, вака го доживеавме говорот на словенечкиот амбасадор. Нашата благодарност за одличниот македонски јазик е безмерна. Нашето БРАВО е бескрајно. Значи може! Може и убаво да се зборува. Тоа дава надеж дека сепак нештата можат да се задвижат во правилна насока.
Песната за Деспина ја знаеме сите: “Да ми дојдеш НА визита, јас да те пречекам”. Белки нема да се случи да ја пееме: “Да ми дојдеш ВО визита, јас да те пречекам”!
Благодариме амбасадоре! Да ти се позлати устата!
Благоја Ивчески