ОТУЃЕНА ЗЕМЈА УШТЕ ЗА ПЕТ ФАБРИКИ

Распродадена зоната Прилеп 1

Досега се продадоа 21 парцела за стопански капацитети

            Целосно е распродадено земјиштето во индустриската зона Прилеп 1 за 16 милиони денари. Локалната самоуправа успешно ја оформи зоната со последното електронско јавно наддавање кога се продадоа последните пет парцели за градба на лесна и незагадувачка индустрија. Се отуѓија 20.087 м2 земјиште. Инвеститорите ќе кренат уште пет фабрики на 9.280 м2. Во општинската каса ќе се слеат уште околу 75 илјади евра. Досега беа продадени 16 градежни парцели. Најповолни понудувачи беа прилепски бизнисмени и еден скопски. Зоната е распространета на 71.976 м2, со 21 градежна парцела. Инвеститорите треба да обезбедат одобрение за градење по комплетирање на купопродажниот договор за 9 месеци, а индустриските објекти ќе треба да ги завршат за 72 месеци по добивањето на градежната дозвола.

            Инаку, на првата аукција на 17 април беа продадени 8 парцели, а на втората, на 27 април, од понудени 9 продадени, се 8 парцели.       

            Општината ќе ја изгради инфраструктурата, а комуналиите за производствените капацитети се пет евра за м2.

            Се работи и деталниот урбанистички план за индустриската зона Прилеп 2, кај сточното пазариште. Неколкуте хектари ќе се поделат на помали локации по околу 500 м2 за услужни дејности, какви што бараат помалите фирми и работилници.

            Локалните власти ќе продолжат со реализацијата уште на двете предвидени индустриски зони.

            Ристески победник во Капитал

            Според изборот на дневниот весник Капитал, градоначалникот Марјан Ристески е еден од неколкуте градоначалници во земјава меѓу кои е избран за победник во рубриката “победник – губитник”. Признанието го доби за неговата енергичност во реализацијата на индустриската зона Прилеп 1 и за настојувањата на локалната самоуправа за подобрување на амбиентот за стопанисување. Титулата “победник” му е доделена за неговата максимална поддршка и за обезбедувањето на неопходните услови за реализација на инвестициите, со што општината се искачи на врвот од малкуте успешни локални самоуправи.

            Ристески, се вели во образложението на Капитал, може да очекува економски подем во градот со реализацијата на бизнис инвестициите, кои на последното наддавање ги купија и последните слободни парцели за изградба на стопански капацитети. Во зоната ќе градат текстилните фирми Мартекс, Кули, прехранбените Дониа и Марфил, графички и други сервисни фирми. Градоначалникот и регионалната стопанска комора најавуваат отворање на повеќе од 1800 нови работни места.

Loading