Винета Огненоска, поетеса
“Живот… Нешто низ кое треба да поминеш со насмевка,
Како стјуардеса што знае дека нешто не е во ред со авионот.
Од една страна, животот е краток – живеј го, од друга трпение- спасение!
Една слика илјада зборови!
Не е сé така како што изгледа!….”
Ова е дел од стиховите на младата поетеса Винета Огненоска, објавени во Антологијата на најмладата македонска поезија и проза, неодамна по идеја на македонскиот поет и книжевен критичар Раде Силјан. Огненоска е една од 34 застапени млади автори. Овој креативен изблик, антологијата, ќе ми биде поттик за натамошна творечка работа, оти носи нова епоха во македонскиот книжевен простор – вели Огненоска. Дипломирала на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет во Скопје. Била дел од поетскиот кружок Мугри, уредник на списанијата за култура Абажур и Стремеж. Бидејќи го сака пишаниот збор, работи на приближување на книжевноста до најмладите читатели. Наскоро ќе í биде промовирана првата книга поезија “Долгото погребување на еден кловн” со 37 песни, за која Јасна Котеска вели дека е зрела, интимна, искрена и длабока поезија, со крајно драматично преиспитување на љубовта, партнерството, верноста, пријателството, вознесот, мечтата.