Заврши 47 МТФ ,,Војдан Ченродрински,,
Претставата “Генетика на кучињата” од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, во изведба на Драмскиот театар од Скопје, е апсолутен победник на 47-то издание на МТФ “Војдан Чернодрински”. Претставата освои награда за драмско остварување во целина и за режијата на Дејан Пројковски. Со лаври се закитија и Билјана Беличанец, за главна женска улога, Дејан Лилиќ, за машка епизодна улога и Јелена Жугиќ, за женска епизодна улога.
За маестралната игра на Молиер на актерот Никола Ристановски во претставата “Животот на Молиер” на МНТ ја доби наградата за најдобра машка улога, додека наградата за млад актер “Трајко Чоревски”, му беше врачена на Александар Степанулески за импресивната улога на Калигула, во претставата “Калигула” на нашиот театар.
Жирито во состав Братислав Димитров, Веби Керими и Златко Славенски оцени дека со четири фестивалски награди треба да замине од Прилеп за претставата на Турскиот театар “Приказната за Шехерезада и Шахријар”. Кренаре Невзати доби признание за кореографија и сценски движења, Елена Дончева за костимите, Кирил Василев за сценографијата и Деан Дамјановски за современа сценска драматизација. Марјан Неќак се закити со наградата за музиката за претставата “Вишновата градина” на Битолскиот театар, додека наградата за рекламен материјал отиде во Охридскиот театар за претставата “Полицајци”.
Жирито оцени дека нема квалитетни текстови. Затоа не ја додели наградата за текст.
Александар Степанулески по наградата
Поттик за работа со несмалено темпо
-Наградата е поттик за уште поангажирана работа. Ветувам, продолжувам со несмалено темпо кон нови творечки предизвици – изјави актерот Александар Степанулески, по добивањето на наградата за млад актер. Вели дека му било не само предизвик туку и чест, да го одигра Калигула. Среќен сум што го играм еден од најголемите ликови на светската драматургија, особено во време кога се помалку се работат класични текстови и кога имаме помалку шанси да играме класика. Калигула е мошне комплексен, кој на првото читање изгледа како апсолутен негативец. Колку се “копа” подлабоко, толку повеќе се судираме со неговата ранливост, праведност и искреност… Не беше лесно да се долови. Се чувствувам апсолутно исполнет – посочува Степанулески.