Ивана Ацеска, жена – тапанар
Виртуоз тера соло верзии и на електроника и на “селски тапан”
Ивана Ацеска, е млада 23 годишна девојка. Медицинска сестра по професија, ама во душата музичар. Подолги години свири тапани. Реткост е девојка да “тропа”. Вели дека кога ќе ја видат покрај тапаните, им изгледа чудно. Кога ќе им засвири, кога ќе ги фати удиралките по тапаните и чинелите, кога ќе го фати ритамот, можат да í позавидат многумина образовани тапанџии. Знае да расположи, умее да фати такт и за забавно и за народно. Махер е за рок. Ја бива за соло верзии од неколку минути. Стапчињата летаат низ рацете и не се гледаат од брзината. Расположува и младо и старо, а публиката секогаш од егзалтацијата бара бис.
Од дете í тлеела желбата да свири на тапани.
– Не памтам од кога почнав да свирам. Од мала тапаните ми станаа моја опсесија. Можеби и талентот има свое влијание. Наследен е, оти татко ми Марјан свири тапани во групата До Ре Ми. Одев само солфеж во музичко, а се другото е талент. Важно е да имаш добар слух и секако желба да свириш – раскажува Ивана.
Објаснува дека свири по ритам.
– Татко ми, иако е среќен што свирам на тапани, досега ништо не ми покажува, не ме поучува. Сама се грижам да бидам во “дослух” со бас гитарата, со ритам гитарата или пак со синтисајзерот. Доволно е една композиција да ја слушнам еднаш и потоа ја свирам. Вешта сум на електрични тапани и на обичен, како што викаат, “селски тапан”. Не изостанува ни свирката на тарабука и на сите ударни инструменти. Можам да кажам дека иако сите се ударни, сепак имаат своја специфика и различно се тропаат – додава Ацеска.
Кога одлучувала за средно училиште, избирала меѓу музичко и за медицинска сестра. Сонувала музиката да биде мелем за болните. Сепак, одбрала да им помага на луѓето, директно, а не со песна, сметајќи дека тоа ќе и биде занает, а музиката хоби.
– Тешко одлучив каде да продолжам со образованието. Ама не се каам. Сега имам занает, а музиката ми е во душата. Многу сум им интересна на луѓето кога свирам. Пред сé и заради тоа што сум левак. Тапанарите главно “тропаат” со десна, а јас со лева рака. На електричните тапани свирам популарни композиции. Ме привлекува рок музиката, додека на другиот тапан свирам чочеци и ора. Кога тропам немам трема. Ме исполнува тропањето. И да сум нервозна ми поминува со свирењето. На настапите секогаш сум насмеана. Мило ми е кога ме слушаат и гледаат. Некои се фаќаат за глава, но на крајот од свирката ми честитаат – потенцира младата тапанарка.
Свири на забави, на домашни веселби, а првиот настап го имала во 2009 година.
– “Огненото крштевање” го имав на годишното собрание на Унија на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ. Ја свирев Дафино вино црвено во интересен аранжман. Целата свирка беше во живо. Засега вежбам по два – три часа дома, а ги користам тапаните од татко ми, кој помалку ги употребува – додава Ивана која има желба да формира женска музичка група.