Ученичките од СОУ “Ѓорче Петров” и со модна ревија го разубавија привлечниот простор пред ЦК “Марко Цепенков”. Со модни креации, изработени од профилот конфекциски техничар и дотерани од соученичките од лични услуги, девојките се претставија во најдобра светлина. Во имресивен амбиент на илуминации, многубројната публика, се чувствуваше како во Милано или Париз. Директорот на СОУ “Ѓорче Петров”, Дејан Димоски, изрази радост за креациите и вкупниот амбиент со озвучување и рефлектори, режирани од учениците. Точно 35 убавици го оставија “без здив” секого, дефилирајќи по модната писта крај новата фонтана, како создадена за ваков настан.
Иницијатор на манифестацијата беше професорката Марта Макеска, а моделите беа изработени од учениците и професорите од профилот конфекциски техничар во соработка со конфекциите Кули и Жалфија. Ревијата е практична настава.
– На креативен начин решивме да ги привлечиме полуматурантите. Ова е доказ дека училиштето располага со профили, кои по завршувањето се спремни за пазарот на трудот – истакна директорот.