Фудбал
Можеме со поддршка од фирмите – порачува претседателот Трајчески
Корзомаалци слават. Околу 2. 000 гледачи на стадионот “Гоце Делчев” ја поздравија победата од 5-1 на третолигашкото дерби од последното коло со неготински Вардар. Триумфот е пласман на Корзо во Втората лига, со двата бода предност пред гевгелиски Кожуф. Покрај стрелците Алиоски двапати, Рошкоски, Никовиќ и Х. Тодоровски, заслужни за успехот се Сркески, Ќушкоски, Б. П. Наумоски, Кондоски, Ѓорѓиески, Велкоски, Петрески, Б. Г. Наумоски, Петкоски, Дамески, и останатите, кои не настапија, Магероски, К. Наумоски, Брсакоски и С. Тодоровски. Тешко беше, а тоа е очекувано за тим кој нема сопствен терен. Градот сака фудбал, наесен ќе не гледа во Втора лига. За повисок ранг нужни се подобри услови – порачува тренерот Горан Тодоровски.
Еуфоријата завршува. Додека играчите одмараат, управата контактира со потенцијални спонзори. Втората лига бара подебел буџет. Сепак, желбите се големи во клубот од 1972, обновен 2006, активиран 2007. За пет години од Петта дојде до Втора лига.
– Поддржани од фирмите можеме многу. Типувам на петто место – истакнува претседателот Панде Трајчески.
Обврзува пехарот од комесарот Миле Спиркоски во рацете на капитенот Иво Дамески. Корзо е во друштво на “братските” 11 Октомври и Победа јуниор, а има уште 13 ривали: Скопје, Еуромилк, Македонија Ѓ. П., Локомотива, Маџари (Скопје) Гостивар, Врапчиште (Гостивар), Руфеја Милетино (Тетово), Брегалница (Делчево), Тиквеш (Кавадарци), Миравци, Охрид 2004 и Новаци.