Општината помага
Помош уште за десетина клубови
Продолжува поддршката за спортот од Локалната самоуправа. Градоначалникот Марјан Ристески врачи финансиска помош на десетина клубови од боречките вештини: боксот, кик – боксот, џудото, каратето, борењето… Малите клубови не се заборавени. Поддржуваме спортисти и клубови кои носат најмногу медали. Низ настапите го афирмираат градот и државата. Продолжуваме со финансирање на поединечни и екипни спортови, со порака младите да се занимаваат со спорт, а да ги избегнат модерните пороци. Повик и до бизнис секторот за општестевна одговорност, за инвестиција во здрава младина и идни репрезентативци, со кои ќе се гордееме – рече градоначалникот Ристески. Не големи суми, но клубовите се задоволни од потегот. Добиваат нешто по долго време. Меѓу помогнатите се Боксерскиот клуб АС, Кик – боксинг клубот Шампион, Про – бокс Македонија, џудо клубот Пролетер, Карате клубовите Лукас и Прилеп Баше, Боречкиот 7 Мај Леов… Средствата се за основните потреби, патувања, опрема и слично.
– Мака мачиме да ги однесеме членови на натпревари. Благодарнни сме на Општината, но и приватниците да се вклучат за да учествуваме на меѓународни собири – смета Петар Чешелкоски од КК Гоце Делчев.
Клубовите ги кажаа маките, не само финансиските, туку и материјалните, просторните… Нема доволно објекти или термини во салите, така што спортистите импровизираат. Џудистите излегоа со предлог.
– Неопходен е спортски комплекс, центар за боречки спортови. Таму би имале доволно термини за тренинзи и натпревари – истакна Славе Димитриоски од ЏК Пролетер.
Општината веќе ги поддржа екипните спортови, кошаркарски и фудбалски по апликациите во определениот рок.