ЧЕТВРТИ ЕКОЛОГИСТИ ВО ШВЕДСКА

Еипата на ОУ “Блаже Конески” на Волво еко меч

Проектот за техничка вода веднаш зад наградените

            Учениците Бојан Димески, Симона Наумоска, Филип Ѓеорѓиески со професорот по ликовно Ицко Ефтимоски и директорката Марија Дулевска, достојно ја претставија Македонија како единствени учесници од нашата земја во Шведска на натпреварот “Волво Челинџ”. Со проектот за користење на техничката вода од бунари за заштеда на питката вода го освоиле четвртото место во конкуренција на репрезентациите на Бразил, Кина, Парагвај, Хрватска, Египет, Фиџи, Русија, САД, Танзанија, Турција и островот Ман. Пред нашите, први биле Парагвајците со проект за заштита од смртоносни комарци, втори Бразилците со проект за учење на фармерите за правилна употреба на пестициди, а трети Американците со заштита на водата од фармацевтски отпад. Жирито било од компанијата Волво, УНЕСКО и УНЕП. Натпреварот “Волво Авантура” бил повеќе забавен, отколку натпреварувачки, покрај тоа што наградите од 10, 6 и 4 илјади долари не се за потценување. ОУ “Блаже Конески” вторпат учествува и ќе продолжат додека се искачат на првото место.

            Учесниците, унисоно имаа само суперлативи за натпреварот кој бил вистинска, одлично организирана авантура. Од слетувањето, веднаш ги пречекале шведски соученици кои им биле туристички водичи и максимално се труделе да им го направат престојот што подобар. Имале сé на располагање, а нешто ако недостасувало имале “кард бланш” да си земат. Првиот ден се сместиле во угледниот хотел “Готја Тауерс”. Од први до шести јуни имале набиена агенда и интензивно дружење. Биле информирани за пропозициите на натпреварот. Вториот ден се поделиле во групи за работилници каде направиле макета од училиштето да ги објаснат позитивните и слабите еколошки практики. Идејното решение со кое нашите станале финалисти било од професорот Ефтимоски.

            Забава и натпревар

            Ист режим имале и останатите групи, па подоцна со црвен и син конец биле испреплетени плусевите и минусите во еко-стандардите. Следела техничка проба, каде на учениците им била дадена стручна помош за презентацијата од Двејн Талбот и Кики Хугершфорд. Истиот ден го посетиле домаќинското училиште за да се запознаат со тамошниот образовен систем. Немаа зборови да ја опишат уредноста и современоста на шведското школство. Следела посета на шведското семејство Бомбол, каде домаќините ги изненадиле со месо со благ сос. Размениле пригодни подароци и како добри амбасадори ги поканиле на возвратна посета. Третиот ден бил посветен за посета на научниот центар “Универзеум”, каде ја виделе сета светска флора и фауна. На крајот на турата имало мини тест и гледање на 3Д научен филм. Се изнауживале во забавниот парк “Лизберг”, кој е пандан на “Дизниворлд”.

            Солзи за збогум

            Четвртиот ден бил денот – Д. Со посета на огромната фабрика на Волво, им биле објаснети еколошките процедури при изработката на најсигурното возило на светот, како и тест моделот на новото возило на електрична енергија, создадена од ветерници. Виделе и како изгледа “краш тест”, судир на автомобил. После прошетката била презентацијата која била ограничена на само пет минути. За да ја разбијат напнатоста, крстареле до островот Лилабамен, каде во средновековна тврдина се забавувале играјќи едукативно – логичи игри. Денот го завршиле со диско забава. Наредниот ден повторно имале работилница заедно со групите од Хрватска и Русија. Биле поделени на новинари, прашувачи и одговарачи и се снимале како во вистинска ТВ емисија.

            На свеченото доделување на наградите нашите не испаднале во првиот круг, ама за малку не влегле во најдобрите три екипи. Завршиле со вечера на која сите земји учеснички се претставиле со традиционалните јадења. Наш “трејд-марк” била јавнијата.

            Шестиот ден, со дипломата за училиштето и сертификатите за учениците, емоционално се збогувале со прекрасните домаќини и се вратиле дома со контакти за понатамошно дружење со еко тимовите од другите земји. Во свежо сеќавање им се белите ноќи, силниот ветер, прекрасните природни убавини и високиот животен стандард.  

Loading