ПОКАНА ЗА 5. 000 ГЛЕДАЧИ

Фудбал: Корзо со победа над Вардар станува второлигаш

Мечот е в недела на стадионот “Гоце Делчев”

Новиот фудбалски празник е в недела (17 ч.) на стадионот “Гоце Делчев”. Во последното третолигашко коло се решава шампионот. Водечкото на табелата, Корзо, со два бода предност оди на триумф над четвртиот, неготински Вардар. Само три бода се гаранција за пласман во Втора лига, а ремито е во полза на конкурентот Кожуф кој извесно е дека дома ќе го совлада Илинден. Кај корзомаалци владее оптимизам, со доза на внимателност. Додека првенството не заврши, ништо не е готово. Не е лесно. Барам сериозност и максимум. Доаѓа силен ривал од горниот дел и нема место за шега. Поради малиот број тренинзи, по две недели в сала, се чувствуваат слабостите на физички план. Се надевам дека мечот ќе го издржиме јуначки – вели Горан Тодоровски, тренер на Корзо.

Од Корзо еуфорично велат дерби мечот е покана за 5. 000 гледачи. Некогаш Победа, после 11 Октомври, а сега, трибината ќе ја полни – Корзо. На поддршката треба да се врати со резултат. Играчите ветуваат борбеност, пожртвувана игра за секоја топка. Не смее да се дозволи годишниот вложен труд да се прокоцка за 90 минути. Есеноска во Неготино, Вардар победи со 3-1, а в недела редно е да има реванш.

– Втор пресуден меч, откако во 22. коло ја совладавме Бабуна. Подготвени сме не само за триумф, туку за убави акции во кои публиката ќе ужива. Сите кои ќе дојдат на стадион нема да зажалат, ќе видат дека ја заслужуваме титулата – порачува Иво Дамески, капитенот на Корзо.

Подготвена е голема “фешта” на стадионот. Доколку Корзо победи ќе прими медали и шампионски пехар од ФФМ.

Панде Трајчески

Дочекавме!

Корзо по цели четири години првпат игра дома. Својствено за голем клуб налепени се плакати. Се чекува масовно запоседнување на стадионот.


– Тежок пат поминавме. И дочекавме. Сите љубители на фудбалот да навиваат за нашите момчиња. Заедно одиме на победа – вели претседателот Панде Трајчески.

КОРЗО: Сркески – Велкоски, Чушкоски, Ѓорѓиески, Кондоски – Петрески, Дамески, Бо. Наумоски, Брсакоски – Б. Наумоски, Х. Тодоровски. Тренер: Г. Тодоровски.

ВАРДАР: Ангелков – Димитриевиќ, Деков, Гелов, Милков – Кордов, И. Давчев, Стојанов, Илиев – Ѓорѓиев, М. Давчев. Тренер: Смилков. 

Loading