КК Кралеви
Очекувањата се исполнуваат. Општината се стави во функција на развојот на спортот. Деновиве градоначалникот Марјан Ристески врачи решенија за финансиска поддршка на повеќе спортски клубови. Очигледно е задоволството кај сите, а еден од нив е Кошаркарскиот клуб КК Кралеви.
– Добиваме 10 илјади евра. Презадоволни сме. Никогаш вакво нешто не сме доживеале. Амбициите се за Прва лига – вели Сашо Костоски, помошник тренер на Кралеви.
Кога градот застанува финансиски, клубот добива морал, полет. Ќе бликне елан во младинските категории. Тие што ја пречекориле возрасната граница ќе оформат тим, кој ќе се пријави во Трета лига. Во првиот тим на дефицитарни позиции можни се засилувања.
– Добро е да доведеме двајца нови. Се надеваме на се подобри игри и враќање на кошарката на старите патеки – истакнува Костоски.
Финансиската помош е од општински буџет, со апликациите од клубовите. Донациите се добредојдени за фудбалот, ракометот, одбојката… Но, потегот на општината треба да биде само пример за приватниот капитал. По овој пат мора да тргнат и приватните фирми, ако сакаме развиен спорт во Прилеп.