НОВ ПРОФЕСОР НА КЛУПА – МАРКОВСКИ

Ракомет

Ракометниот тренер Борче Марковски е нов стратег на женскиот суперлигаш, Жито Прилеп. Битолчанецот е професор по физичко, како и претходникот на клупата Методија Петлески. Потпишан е договор на три години. Го очекуваат предизвици во Супер лигата, домашниот Куп и европскиот КПК.

– Одлично организиран клуб, на кој се восхитував на успесите и прогресот за само три години. Играчкиот кадар го познавам и добро е што повеќето остануваат. Заедно со управата ќе дефинираме на кои места се потребни евентуални засилувања – вели Марковски.

Брзо е решен новиот стратег. Во опција беа повеќе стручнаци, но при одлуката влијаеја контактите со Марковски, близината со соседна Битола и резултатите во 18-годишната кариера како тренер на машките екипи Пелистер и Преспа, на женските Пелистер и Гевгелија. Шести тренер е откако од 2009 година клубот се вика Жито Прилеп.

– Марковски е стручнак со богато искуство и резултати на домашна и европска сцена. Со ангажманот ќе се создаде цврста екипа, со значајна улога во македонскиот ракомет – рече Оливер Деркоски, претседател на ЖРК Жито Прилеп.

Негово дело – Бајрамоска

Дело на Марковски е битолчанката, репрезентативен бек, Мирјета Бајрамоска. Од “пелени” ја познава и Александра Здравевска, десното крило на Жито Прилеп.

Во Битола има талентирани девојки без добар клуб. Затоа, не е исклучено некои да се преселат во Прилеп.

Loading