Недопрениот македонски предел Мариово и годинава беше домаќин на петтата мото тура “Мариово 2012”, во која се влкучија 400 моторџии од Турција, Бугарија, Србија, Албанија и Македонија. “Јавачите на ветер на две тркала”, како што ги викаат страстните моторџии од 7 до 77 години, ги крстареа напуштените села, уживаа во глетките на урнатите камени куќи, се вознемируваа од избраздените лица на старците, се воодушевуваа од панорамите и горите на овој голем, а ретко населен крај. Кај манастирот “Свети Илија” поставија камп дружење и забава. Го развиваме новиот стил на туризам – мотоциклистичкиот. Го промовираме Мариово со многу убавини, а и земјава, со атрактивните дестинации за селски, планински, манастирски и ловен туризам – вели Симеон Стојчески, претседател на клубот “Гардијан енџелс” од Прилеп, кој со три други мото клуба од Скопје и Струмица ја организира мототурата.
Локалните власти ја поддржаа меѓународната манифестација, бидејќи е значајна за афирмирање на Мариово како еколошки најчиста област во земјава.