Вечерва завршува 47 МТФ,, Војдан Чернодрински,,
Театарската завеса ќе се спушти вечерва. Завршува осумдневниот театарски празник создаден од режисерите, актерите, костимографите, театролозите на 47. МТФ “Војдан Чернодрински”. Жирото во состав Братислав Димитров, Веби Керими и Златко Славенски напладне ќе ги соопшти наградените, која претстава ги освои нивните симпатии. Судејќи по понуденото, има фаворити за награди, а според реакциите на публиката ривали се “Генетика на кучињата,, во режија на Дејан Пројковски на Драмскиот театар, “Животот на Молиер” во режија на Александар Поповски на МНТ, “Калигула” во режија на Зоја Бузалковска на прилепскиот театар, кои отскокнуваат за нијанси. На добитниците наградите ќе им бидат врачени вечерва со пригодна свеченост. Годинешниот избор беше богат и квалитетен. И квантитетот беше на високо ниво со 20 претстави, од кои 13 во официјалната програма, шест во придружната. Тоа се факти за подемот на македонскиот театар. На трибината “Театарот и новите форми”, се посочи дека македонскиот театар ги користи сите нови форми да биде во тренд со светскиот.
За Фестивалот
Актерот Никола Ристаноски, кој “жари и пали” на балканските театарски сцени е радосен кога доаѓа на фестивалот.
– МТФ е достоен репрезент на македонскиот театар. Грижата треба да биде сестрана, оти е наш – национален – изјави Ристановски.
За Јелена Лужина исклучително е важно театрите да се споредуваат на едно место.
– Фестивалот има одличен концепт на меѓусебен натпревар. Излегува најдоброто. Најважно е сите да одмерат до каде се, оти има театри со променлива можност, со различен профилиран кадар, моќни и помалку моќни театри, тие кои се на врвот – вели Лужина.
“Чернодрински за Ристоски”
На фестивалот му беше оддадена достојна почит на прерано починатиот актер Кирил Ристоски, кој десетина години беше негов прв човек, преку омажот “Чернодрински за Ристоски”, со изложба на фотографии и костими и со претстава, во која беа вклучени актери кои ги едуцирал Ристоски. Сценографот Владимир Георгиевски, говорејќи за Ристоски рече дека кога творецот ќе стаса до себе си, се просветлува. Еден ден Творецот ќе замине во темните вилаети на светлината што не гасне… Делото негово ако остане во незаборавот, тоа значи дека неговиот создател е бесмртен… – рече Геориевски. За режисерот Владо Цветановски, Ристоски во македонскиот театар е значајна и светла точка од која сите има што да црпиме и учиме.
Промоции на театарски изданија
Беа промовирани 22 театарски изданија. “Генетика на кучињата,, од Венко Андоновски, “Театарскиот говор” од Роберт Вељановски, “Драми” од Загорка Поп Антовска, осум изданија од проектот Македонска книжевност на Министерството за култура – (,,Читано отпосле,, од Коле Чашуле, ,,Парадоксот на Диоген,, од Томе Арсовски, “Одбрани дела” од Горан Стефановски, ,,Одбрани дела,, од Јордан Плевнеш, изданието Македонска битова драма, Современа македонска драма, Албанска драма и “Олерија Џентетериба,, од Џабир Ахмети).
Беа промовирани и книгите “Драми” од Дејан Дуковски, седумте изданија на ИК “Македонска реч” – “Рур” и “Бела болест” од Карел Чапек “Пеликанот” од Аугуст Стринберг, потоа 4 книги од Ибзен – “Џон Габриел”, “Сеништа”, Хеда Гоблер и “Дивата патка”, како и “Театарски согледби” од Љубомир Груевски.
ВЛАДИМИР ГЕОРГИЕВСКИ :
,, Во четвртиот век пред нашата ера Лао Це запиша:
Што е поважно – славата или животот?
Што е повредно – животот или богатството?
Што повеќе боли – добивката или загубата?
Оној кој многу штеди, повеќе ќе изгуби.
Кој има мерка, нема да го снајде несреќа.
Кој ја знае границата, нема да се изложи на опасноста.
Тој може да биде долговечен.,,
Ќе се сложите, ова е вистинска предлошка за жива драмска претстава. И секако за жива и возбудлива сценографија!,,
ВЛАДИМИР СВЕТИЕВ:
,,Мило ми е што наградата за животно дело ја добив овде во Прилеп, пред прилепската публика, која има висок естетски, театарски критериум. Уметнички критериум, публика која не прифаќа претстави со некаква приземна проѕирност на малограѓанско ниво. Претстави со ситен реализам, натуралистички, формални и декламаторски претстави!
Ова со право го велам – бидејќи во 40 години поминати на сцената – имав можност да се дружам со прилепската публика…која знаела да ме награди со аплауз после добрата улога, а и да остане рамнодушна. Значи не било нешто во ред во мојата игра, со еден збор – Сум ја промашил улогата.
Затоа наградата ја примам како круна на мојот изминат творечки пат на сцената – кој започна во последните триесетти години од изминатиот век и се крунисува со улоги одиграни во првата деценија од новиот милениум.
И верувам дека во годините поминати во театарот достојно ја заштитував мојата професија.
ЏАНАН АЛИ, ќерка на добитничката на награда за животно дело Незакет Али, примајќи ја наградата на сцената рече:
– Привилегија е да си носител на ова одличје, особено со временската дистанца, откако ги напушти ,,штиците што живот значат,, и е во пензија. За сите мали и креациите на улогите што барале многу повеќе, за сите дадени и за сите примени емоции, за сите оние минати години и за сите идни. Да сте здрави и живи. Во името на Незакет Али, длабоко ви се поклонувам.