Продолжува градежниот бран за подобро живеење
Во населбата Козле” во Варош, се асфалтира улицата “Димче Антулески”. По асфалтирањето, машините ќе се префрлат на улиците “Гога Димитриески”, “Борка Лопач”, “Стеван Забрчанец”. Нов асфалтен слој ќе се постави и на улицата “Орде Чопела”, откако ќе се промени водоводната мрежа. Во најстарата населба, ќе се асфалтираат 16 улици во должина од 2 900 метри. За инфраструктурните проекти за подобрување на условите, локалната самоуправа издвои околу десет милиони денари. Паралелно се работи на неколку локации за подобрување на патната инфраструктура. На 16.500 метри квадратни се ревитализираат парковите меѓу станбените згради во Точила. Предвидени се три игралишта од кои две, постојни игралишта за кошарка и едно ново за одбојка на песок. Меѓу зградите ќе има детско игралиште. Во третиот дел предвидена е површина за одмор со дрвени настрешници и клупи, како и водени површини. Идејното решение е на ЈП за ПУП, а инвеститор е Општината и ЈКП Комуналец.
Се наѕираат контурите на кружниот тек кај хотел Липа, со кој ќе се регулира сообраќајот. Со овој зафат, Булеварот “Гоце Делчев” ќе добие современ изглед, а сообраќајното решение ќе го подобри одвивањето на сообраќајот во центарот. Градежните работи се одвиваат на крстосницата меѓу булеварот и улицата “Димо Нареднико”. Средствата се обезбедени од Буџетот на општината.
“Нов систем за “Пријави проблем”
Барањата или пријавите за одреден проблем од комуналната сфера како на пример дупка, дефект на уличното осветлување или пак дива депонија, граѓаните автоматски ќе може да ги поднесуваат – онлајн до содветното одделение или служба од локалната власт. Секој ќе има пристап онлајн до веб страната каде ќе пополни пријава или барање со личните податоци и контакт информации. Пријавителот добива копија од образецот со кој се потврдува пријавата.
– Им се овозможува на граѓаните полесно, поедноставно и побрзо да ги поднесуваат барањата за проблемите од комуналната сфера. Тие ќе може да следат до кој статус е стигнато барањето и да добијат одговор дали барањето е решено или не – истакнува градоначалникот Марјан Ристески.
Досега се пријавени вкупно 1184 проблеми, од кои кај 1116 се интервенирало и се отстранил проблемот.