Петар Темелковски, уметнички диркетор на МТФ “Војдан Чернодрински”
Пред нас е уште едно издание на МТФ “Војдан Чернодрински” – 47 по ред. Започнува в петок вечер. Тоа е поводот за разговор со уметничкиот директор Петар Темелковски.
Со што стартува фестивалот?
Годинава Фестивалот започнува со “Свадбата на Фигаро” од Бомарше, во режија на Леван Цуладзе, во изведба на МНТ од Скопје. Ќе се отворат две изложби, а ќе ги доделиме и наградите за животно дело на колегите кои дале особен придонес за развојот на театарот.
Фестивалот има богата програма и затоа за еден ден е продолжен? Што ќе гледа публиката?
Проследив околу 40 претстави. Половината, ќе учествуваат на Фестивалот во и вон конкуренција. Богатата и набиена програма бараше фестивалот да биде продолжен за еден ден. Тоа ќе биде добро и за фестивалот и за публиката – еден ден плус за уживање во театарската уметност, еден ден плус за креативно претставување на драмските уметници.
Неодамна рековте дека сте радосни што Фестивалот годинава има ,,железен репертоар,,!
Да, тоа со радост го соопштив и со уште поголема радост ќе повторам: А.С. Пушкин, А.П. Чехов, Бомарше, Михаил Булгаков, Албер Ками, Ристо Крле, Славомир Мрожек.. Ете тие се заслужните за тежината на овогодинешниот репертоар!
Освен претстави во официјална, Фестивалот изобилува и со придружна програма, интересна за младите, бидејќи претежно е во полноќните часови?
Ќе има шест претстави во полноќните часови. Како досега, ќе бидат светлата точка на крајот од денот.
Фестивалот нуди и други содржини. Кои се тие?
Ќе му посветиме еден ден на нашиот рано починат колега Кире Ристоски, потоа ќе има трибина за новите форми во театарот, па промоција на голем број трудови за театарот, изложби.
На фестивалот има програма и за најмладите. Се враќа Театарот за деца и младинци?
Најрадосен момент е токму тоа. Претстава за деца во изведба на театарот за деца и младинци од Скопје. Тоа ќе биде редовна пракса, бидејќи најмладата публика, т.е децата се најблиску до душите на уметниците.
Завршницата е на осми јуни со комедија. Гостува новототворениот Театар комедија. Зошто се одлучивте со овој театар да се затвори Фестивалот?
Театарот на комедијата е новоформиран и редно е и чесно да го претставиме на јавноста преку најголемата врата на драмската уметност- Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински”.