М-р Владимир Георгиевски – сценограф, костимограф, академски сликар и педагог.
Со својот визуелен израз, автентичен и препознатлив, сликарот Владимир Георгиевски е еден од ретките македонски сценографи и костимографи, препознатливи со уникатна естетика. Георгиевски креира впечатливи парчиња на театарската претстава, потенцирајќи го визуелниот израз.
Авторското портфолио бележи ангажман на 57 професионални театарски претстави во Македонија. Од нив 57 се сценографии, а на 32 од нив ја потпишува и костимографијата. Работи во скоро сите театри. Најмногу соработувал со Драмскиот театар, на 23 претстави, потоа со МНТ на 12, со Турскиот театар, 11 претстави, потоа со НТ од Куманово на 4 претстави. Работата му се препознава и во претставите од театрите од Штип, Велес, Битола и Прилеп. Креирал сценографии на неколку претстави од извонредниот Театар на Ромите “Пралипе”.
За уникатната поетика, естетика која пластично и креативно ја отсликува иманентната перформативност, е наградуван со повеќе награди, меѓу кои Стериината награда за најдобра сценографија, награда за најдобра сценографија на Босанско-херцеговски смотри, награда за најдобра сценографија на МТФ “Војдан Чернодрински”, за претставите Стари фотографии (1992) и Розенкранц и Гилденстерн се мртви (1995).
Владимир Светиев – актер
Автентичен по актерскиот израз, со исклучителен перформативен потенцијал, Владимир Светиев е еден од доајените на македонската театарска традиција. Со неверојатен осет за градење на ликот, со специфична вештина за соработка со различни театарски естетики, како што потенцира Стојаноска, тој соработува со повеќе театарски креативци и од тоа го извлекува најдоброто во својата работа. Како професионален актер дебитира на сцената на матичниот театар МНТ со улогата на адвокатот Ѓорѓи во претставата Под пирамидата (1971). Освен на матичната сцена, актерски е ангажиран и на сцените на театрите од Куманово, Струмица, Битола и Драмски театар – Скопје. Светиев стана познат македонски актер со сопствена уникатна перформативност и потенцијал, кој се транспонира кон повеќе различни естетики, играјќи ги Доне (Рамна земја, 1973); Лудиот (Дневникот на лудиот, 1974); Кандид (Кандид, 1980); Трајан Поп Стефанов (Мацедонисцхе Зустанде, 1984); Мето (Глоговиот џбун, 1985); Баал (Баал, 1987); Перо (Црна дупка, 1988); Ричард Глостер (Ричард ИИИ, 1990); Игњат Наци Глембај (Глембаеви, 1996); Гаев Леонид Андреевич (Вишновата градина, 1997); Полониј (Хамлет, 1998); Ристо (Писание, 2002).
Актерскиот талент го препознава и публиката и критиката и затоа е наградуван со повеќе награди, меѓу кои на МТФ “Војдан Чернодрински” (во 1977, 1988, 1991 и 2002); награда на град Скопје 13 Ноември (1991); Награда 11 Октомври (1999).
Незакет Али – актерка,
Една е од најангажираните актерки на поранешниот Театар на народности. Актерка која, својот автентичен израз го гради непосредно од примарниот талент. Во театрографијата í се евидентирани 110 улоги. 40 годишниот ангажман значи и работа со повеќе различни режисери. Дебитирала професионално со улогата на Неџибе во претставата Ајше од Светозар Ќоровиќ, во режија на доајенот на македонското актерство Тодор Николоски. Посветена на публиката, гради посебен однос и тоа е препознаено и наградено. Критиката го евидентира нејзиниот актерски ангажман и истиот афирмативно го сведочи.
Дала многу улоги, меѓу кои Ката во Парите се отепувачка (1961); Коштана, Оливија од Дванаесеттата ноќ, (1966) Розаура во Лукава вдовица (1968), Емилија во Отело (1973), но и Ташана во Зона Замфирова (1979), Настасија во Злосторство и казна (1980), па се до Мајката во Јунуз Емре (1991).
За своето актерско мајсторство наградена е со наградата Артист на годината на весникот Бирлик за 1970 година.