Градежни материјали од Невис
Регистрирани се за давање услуги во градежништвото со лиценци и ја поседуваат сета документација
Цемент, железо, блокови, усјемал и гранулати, ќерамиди, паркети се само дел од градежните материјали кои секој кој гради може да ги најде од фирмата Невис. Оваа компанија е десна рака за сите инвеститори и приватници кои се впуштаат во градежни зафати. Не само што може да добијат квалитетни материјали, туку такаречи со полупроизводите на фирмата, муштериите можат да ја олеснат и забрзаат градбата, затоа што фирмата изработува армирани носечки столбови и надвратници по димензии. Сопствениците Владко Ѓоргиески и Ненад Колески сето свое стручно знаење го ставиле во погон на друштвото, кое се занимава со градежништво и трговија на најразлични материјали. Искуството од над 15 години ги прави жилави да може да í одолеат на економската криза која притиска во сите гранки. Нудат сé што треба за карабина, до ќерамида и фасада.
Невис – друштво за градежништво и трговија постои 15 години. Двајцата партнери работевме во Јасен. Како што се вели, борбата за живот нé натера да се впуштиме во приватен, сопствен бизнис. Влатко е со индустриско образование, а јас со градежен факултет. Работевме и од дома, имавме магацин во подрумот. Почетокот беше многу тежок. Од нула, со никакви средства, со позајмено – раскажува Ненад Колески, еден од сопствениците на Невис.
Специфика е изработката на армирачки полупроизводи и изработка на ферт гредички.
– Изработуваме по нарачка железо за столбови, греди, плочи. Тоа ни беше првата идеја, затоа што луѓето што доградуваа тешко наоѓаа армирачи. Поефтино е да нарачаат кај нас. Доаѓаат со готови димензии и ги изработуваме. Имаме машини за кроење, исправање, виткање и сечење железо. Муштериите добиваат скоро готов производ. Им останува да го врзат на место. Кај што е неопходно, како за скали, масовни бетонски плочи, тераси, тука им се готовите производи, готов столб, носач надвратник… и продажба – вели Колески.
Со конкуренцијата особено со инвеститорите во градежништвото се справуваат со макотрпност и домаќинско работење. Регистрирани се за услуги во градежништвото со лиценци и ја поседуваат сета документација, затоа што се стручни во таа област. Директни увозници се на паркет од Бугарија.
Располагаат и со материјали за хидроизолација, готови малтери, материјали за термо фасади, гипс картонот и друго.
– Сé е по стандард и лиценца. Тука сме и за стручна помош. Муштериите најчесто доаѓаат со обично ливче и им помогаме со совет и со изработка на греди, на пример по димензии – вели Конески.
Според нив, бизнисот има иднина, бидејќи се градело и ќе се гради.
Тоа што се гради преку фирми ни е силна конкуренција. Има луѓе кои сами се снајдуваат со мајстори, иако законот е многу ригорозен. Тука ја гледаме иднината. Законот да се почитува доследно и конзистентно. Не се созреани условите, ама сме оптимисти. Негуваме надеж за успех со континуирана работа – објаснува Конески.