ДЕЛО ПОГОЛЕМО ОД ЖИВОТОТ

,,Чернодрински,, за Кирил Ристоски

Актерот Кирил Ристоски, е еден од најскромните и најпитомите луѓе, човек кој остави длабоки траги во македонскиот театар. Според Јелена Лужина, од неполни 63 преживеани години, безмалку 46 Ристоски ги одживеал како професионален актер. Дебитирал со ноторната епизода (Првиот стражар) во Шекспировата комедија Ноќ спроти Водици, на сцената на прилепскиот театар во 1965/66 година, каде останал седум години со 17 ролји. На 25 годишна возраст се запишал на отсекот за актерска игра на Музичката академија во Скопје, за да студира како најстар во својата класа. Пред дипломирањето, играл во МНТ, каде се вработил во 1987 година. Десет години подоцна, ФДУ го избрал за доцент по актерска игра. Наредните 23 години ги поминал, обожуван како даскал, врвен театарски педагог.

– Одиграл вкупно 83 театарски, филмски и телевизиски ролји. Снимил повеќе од 200 радио драми. Одработил небројни поетски настани. Добил 10 актерски награди, од кои пет во Прилеп на МТФ “Војдан Чернодрински”, фестивалот што во 1997 година среќно го реконструирал, а потоа успешно го водел полни 10 години…. Ристоски е единствениот македонски актер кој ја имал привилегијата да биде не само симболика, туку и вистинска алка – поврзница на феноменот, кој уште пред 60 години еден голем македонски критичар го нарекол – Македонска Глума – вели Лужина.

Loading