ВЕТЕРАНСКИ ФИНТИ ПРЕД 2.000 ГЛЕДАЧИ

Ракомет: Преполна сала за хуманитарниот спектакл

Гледачите – верници преку купените влезници масовно донираа за изградба на новата црква “Света Петка”

Спектакуларен ракометен настан направија ветеранските екипи, женските на Тутунски и Кометал, машките на Тутунски и Репрезентацијата на Македонија во спортската арена “Сонце”. Како во старите добри времиња се собраа близу 2.000 гледачи. Парите од влезниците од по 100 денари се наменети за изградбата на новата црква “Света Петка” во населбата Точила.

            Гледачите скандираа на секој потег. Атрактивни беа ветераните над 60 години возраст. Седмерец изведе Пеце Велјаноски со “ефе”, а Гоце Бозароски скришно додавање до пивотот Стеван Николоски. Од другата страна се издигаше без скок Пепи Манасков, а меѓу стативите цел гол го покриваше “тешкашот” Зоран Петковски. Крилото Целе Секулоски се испреврти и го совлада од “мртов” агол, запишан за два кај судиите! Машкиот дуел заврши нерешено 22-22 (10-13), а пехари беа доделени на Пепи Манасков и Кристијан Илиески.     

            Ветеранките стиснаа заби и издржаа по децениска пауза. Вера Стојаноска, Даниела Воиновиќ и останатите измамуваа овации. Додека Будимир даваше голови, Кастратовиќ се забавуваше и не погоди ниеднаш. Кометал победи со 21 – 10, пехари добија Андријана Будимир и Снежана Силјаноска.

Спектаклот се комплетира со публиката која се фотографираше на паркетот.

Ветеранки: Тутунски – Кометал 10-21 (6-9)

ТУТУНСКИ: Милошеска, Ангелеска, Силјаноска 3, Аџулеска 2, Филипоска 1, Белакапоска, Воиновиќ, Наумоска, Шокоска, Самарџиоска, Дисоска 1, Митеска, Стојческа, Карбеска 2, Димова, Рашиќ 1, Арсоска. Тренер: Кузманоски.

КОМЕТАЛ: Нацева, Стојаноска, Шишкоска, Кастратовиќ, Велкова, Чупиќ 2, Тодоровска 7, Платон 3, Златановска 1, Ажиевска, Новоселска, Будимир 8. Тренери: Радиќ и Бошковски.

Ветерани: Тутунски – Македонија 22-22 (10-13)

ТУТУНСКИ: Димоски, Локвенец 3, Шокоски 3, Велјаноски 1, С. Илиески 2, К. Илиески 6, О. Илиески 3, Колески 1, Трајкоски, Карески, Николоски, Секулоски 1, Бозароски 2. Тренери: Кузманоски и Гулески.

МАКЕДОНИЈА: Петковски, Стефановски, Станковски 6, Марковски 3, Николовски 3, Бисимов, Георгиевски, Кузмановски 1, Манасков 7, Зарков 2. Тренер: Петрески.

Индира во машкиот тим

Ведро расположение на трибини и на паркетот. Задолжени за забава беа ѕвездите од Кометал. Индира Кастратовиќ се шегуваше. Прво истрча со гостинскиот, после и со домашниот состав. Со мажите, се приклучи во дресот на Македонија. Ги одигра последните минути и комбинираше акции, најчесто “цепелин” со Манасков и Станковски.

Пепи Манасков

Секоја чест на домаќините

Тешко беше да се дојде до легендарниот Пепи Манасков по мечот, опкружен со навивачите, кои не го пуштаа половина час за автограми и фотографирање.

– Секоја чест на прилепчаните. Вака треба почесто – вели Манасков.

Тој жали што ваква публика нема клуб за навивање. Очекува да се засили иницијативата и наскоро градов да се врати на ракометната карта

Loading