Случајно ни допадна в раце едно проспектче, една програмка од фестивал. Проспектот, естетски мошне убаво дизајниран, но со доста јазични грешки. На насловната страница пишува дека тоа е “РЕПУБЛИЧКИ фестивал на народни песни и ора”. А зошто да е РЕПУБЛИЧКИ?! Каков е тој фестивал – РЕПУБЛИЧКИ?! И порано сме пишувале за ова. Додека постоеше Југославија како држава, на настаните што се случуваа во некоја од шесте републики, се нарекуваа РЕПУБЛИЧКИ, за да се разликуваат од државните, југословенските. Од југословенските фестивали, манифестации и какви и да е други настани. Сега тоа не може така. Сега Република Македонија е посебна суверена држава. Зборот РЕПУБЛИКА го означува само општественото и политичкото уредување на земјата. Земјата може да биде и КРАЛСТВО. Такви земји постојат. Но, зар во таквиот случај ќе речеме дека е тоа КРАЛСКИ фестивал?! Може да биде земјата и МОНАРХИЈА. Зар ќе речеме дека таму и таму се одржа МОНАРХИСТИЧКИ фестивал?! Се разбира дека не. Тоа е голема грешка. А слушаме вакви грешки. Слушаме мошне често – РЕПУБЛИЧКО Собрание, Претседател на РЕПУБЛИКАТА и така натаму. Сетоа тоа е погрешно. По 20 години самостојна држава требаше да го сфатиме и да го запаметиме тоа. СОБРАНИЕ на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ПРЕТСЕДАТЕЛ на МАКЕДОНИЈА или на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, тоа е правилното. Така е и со фестивалот. Не може тој да биде РЕПУБЛИЧКИ. Може да биде МАКЕДОНСКИ како што е МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ “Војдан Чернодрински”. Да повториме, фестивалот не може да биде ни РЕПУБЛИЧКИ ни КРАЛСКИ ни МОНАРХИСТИЧКИ.
Во проспектот пишува на едно место “Вечер на староградски групи и ансамбли”. Чудно! Какви ли се тие СТАРОГРАДСКИ групи и ансамбли?! Тоа се групи што исполнуваат староградски песни и ора, но групите и ансамблите не се староградски. Би требало да се каже – “Вечер на групи и ансамбли кои ќе исполнуваат староградски песни и ора”.
Групите можат да исполнуваат и некаква класична музика, но нема да речеме дека се тоа КЛАСИЧНИ групи.
Ансамблот “Танец” е напишан – “Ансамбл НА народни песни и ора”. А тој е “Ансамбл ЗА народни песни и ора”, а не НА народни песни и ора.
Има и уште една грешка. Грешка што ја слушаме и што ја читаме многу често. Именката ХЕРАКЛЕЈА е напишана – ХЕРАКЛЕА, без “Ј”. На многу места ја среќаваме оваа неправилност, а тоа е многу убаво објаснето во Правописот. ХЕРАКЛЕЈА треба да биде напишано со “Ј”, како што се пишуваат – МЕДЕЈА, ЕРИТРЕЈА, КОРЕЈА, ГВИНЕЈА и така натаму. Така треба да се пишува и именката ИДЕЈА, но мошне често ја среќаваме како ИДЕА. А сиве овие набележани зборови не можеме да ги изговориме без “Ј” и да сакаме, но ете, во пишувањето грешките се чести.
Да се вратиме на проспектот. Грешките, како овие во него, ги среќаваме и на други места. Но, овде, баш не смееле да се случат. Читаме, дека Фестивалот е интернационален. Имало учесници од Романија, Полска, Турција, Мексико. Претставниците од овие земји ќе однесат кај нив од проспектот, тој ќе биде читан и таму, а во таквите случаи јазикот треба да биде беспрекорно чист.
Освен тоа, читаме дека покровител на Фестивалот е Собранието на Република Македонија. Читаме дека Фестивалот е финансиран од Министерството за култура. Е, ќе се согласиме, срамота е вака. И покровителот и финансиерот му даваат сериозен карактер и тежина на Фестивалот. Можеби и тие треба да се заинтересираат како им се оддолжува организаторот. Таквиот Фестивал заслужува многу посериозно внимание и во областа на јазикот. Интернационална манифестација не смее да си допушти вакви јазични грешки, па макар да се тие и само четири, многу се!
Благоја Ивчески