Уметничкиот директор на МТФ “Војдан Чернодрински”, Петар Темелковски ја комплетираше програмата за 47 издание. Фестивалот почнува во петок на 1 јуни со изложби на уметниците Димитар Малиданов и на Христина Зафировска, со доделување на наградите за животно дело и со изведбата на претставата “Свадбата на Фигаро” од Бомарше, во режија на Леван Цуладзе на МНТ.
Фестивалот ќе трае еден ден повеќе, а театарџиите ќе проследат уште 12 претстави во официјалната конкуренција, меѓу кои “Калигула” на прилепскиот театар, “Животот на Молиер” од Булгаков, во режија на Александар Поповски на МНТ, “Вишновата градина” од Чехов, во режија на Ѕвездана Ангеловска на битолскиот театар, “Генетика на кучињата” од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски на Драмскиот театар и др.
Во осумдневната театарска одисеја ќе ја следат уште шест претстави во придружна програма, меѓу кои и Театарот за деца и младинци со “Волшебникот од Оз”.
Ќе се направи мементо за починатиот актер Кирил Ристоски насловено “Чернодрински за Ристоски”, а ќе се одржи и трибина на тема “Театарот и новите форми”. Ќе се промовираат нови театарски изданија.
Идната недела ќе бидат познати и членовите на жири комисијата.
Од понеделник во продажба ќе бидат пуштени и влезниците за претставите.