
Сите идни графички техничари од СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, со волја, мотив и љубов, изработиле цртежи вредни за академци со специјални техники и ги изложиле во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”. На ланската изложба со тема “Прилеп низ градби”, годинава се надополниле со темата “Светски градби и ликови”. Младите Филип Мирчески, Марко Спироски, Кристијан Јованоски, Љупчо Дамчески, Андреј Мојсоски, Мартин Милошески, Николче Амбароски, Ангела Конеска, Сандра Дурланова, Илина Василеска, Елена Ристеска, Теодора Петреска, Бисера Бутлеска, Емилија Цветкоска, Андријан Чолакоски, Бобан Димески биле само дел од творците на графиките, за кои велат дека црпеле инспирација од интернет и од нивните глави. Меѓу другите, Ангела и Теодора специјализирале за портрети од познати личности од 50-те години на минатиот век. Кристијан ги користел темперните боици како алат и доста успешно ги доловил новите градби во неговите цртежи. Љупчо користел техника со спрејови, за која треба трпение и “хируршка”
прецизност. Се исплатило, затоа што гледајќи во сликата од Таџ Махал, би помислиле дека сте во Индија. Бобан се зафатил со најтешкиот начин на изработка на дело – шајки и конец. Деликатниот процес се состоел од скица на фолија, на која на контурите се поставуваат шајки, на кои се врти конец во разни бои. Во изработката на манастирот Света Богородица од селото Новаци употребил 4000 шајки и околу еден килограм конец. Креацијата ја создавал два месеца. Мартин и Бобан не работеле “рачно”. Сојузник им бил компјутерот и Цорелл Дроњ. Иако користеле софтвер, не копирале, туку од готови слики ги земале само векторите и по нив ги пополнувале со боја за да го финишираат процесот.
Предводниците на графичките уметници, професорот Тони Палачаров со колегата Александар Костадиноски, биле само “духови” и со “прст не чепнале во ремек делата”.
За Палачаров, изложбата е круна на дополнителната настава по графички дизајн и дека со примената на различни техники во изработката, јасно се гледа дека иднината на младите ученици по графика е блескава и сигурно ќе ги чека работно место.
Особено задоволство имала Ангела Конеска. Градоначалникот Марјан Ристески “фрлил око” на творбата за новата општинска зграда, па таа без двоумење му ја подарила.
![]()

