Снежана Котеска, четири децении одгледува кучиња
Во 2001 г. со две кучиња првпат отишла на изложба во Битола откаде се вратила со два пехари и оттогаш збира медали и награди
Ми значат многу како што сум сама, и да си болен ќе те натера да станиш да им туриш вода, да си “правиш муабет”
Неизмерна е љубовта која ја има 60 годишната Снежана Котеска кон кучињата. И тоа кон расата црни пудлички. Во нејзиниот семеен дом моментно своето животинско “царство” го наоѓаат две рунтави црни кучиња кон кои сопственичката се однесува внимателно, посветено, грижливо. Ги храни, негува, ги чува расните кучиња. Тие се дел од “плеадата” кои исконски ги сакала. А бројни се и освоените награди, пехари, медали на меѓународните изложби. Снежана сака и одгледува исклучиво црни пудли. Темнокосите “убавици” на четири нозе, со “лежерното однесување” во домот, покажуваат дека се наоѓаат во рацете на вистински љубители кои на таков начин се справуваат со осаменоста. Многу се интелегентни, убави и грациозни. Сметаат дека пудлата има интелегенција на тригодишно дете. Најдобро ја разбира смислата на реченицата – Дојди, појди, сакаш, не сакаш. Во црква ми рекоа дека не е грев да се сакаат, само да не им се даваат човечки особини. Се однесувам како кон куче, да ги наранам, да ги пазам. Ми значат многу како што сум сама. И да си болен, ќе те натера да станиш, да им туриш вода и ако сакаш другар – да си прајш муабет! Многу “разговарам” со нив. Ги ословувам со “девојчето”. Ако сакаш самотијата да ја победиш – земи си милениче – вели Снежана Котеска.
Страст за куче од дете
Признава дека отсекогаш сакала кучиња. Со брат í Трајче чувале џукелче, иако мајка им Илка им забранувала. Снежана и кај свекрва í “начекала” куче. А во 1981 г. со сопругот Љупчо го купиле првото расно куче со педигре.
– Наместо куќава да ја прајме, купивме куче од 300 марки, гледајќи ја пудлицата од Мавро. Првото го викавме Бруно. Го гледавме 15 години. Беше јако куче од загребска одгледувачница. Прво го исчував Бруно, потоа неговиот син Апаш, после Брита. Во 1994 г. со тогашниот претседател на кинолошкото друштво Петар Пејоски отидовме во Белград. Се воодушевив на илјадниците кучиња. Победниците одеа по црвен тепих околу со цвеќиња. Ги гледав пудлиците. Победи едно, не куче, туку анѓел! Собравме 300 марки да го купам Фратело. Ни дадоа педигре, но како што растеше кучето забележавме дека има недостаток и не може да оди на изложби. По 9 месеци со автобусот, со кучето до мене на крпа, отидов во Белград да му го вратам, а од наредното легло да ми дадат друго. Мојата здравствена состојба почна да се менува и поминаа 2-3 години. Петар Пејоски појде до Крагујевац и ми донесе куче. Тоа не беше куче – беше лепота од куче. Еден ден ја оставивме портата отворена, ја изгази трактор. Се вознемирив поприлично! Ми ветија дека уште две ќе ми дадат. Станавме куќни пријатели. Во 2000 г., ми донесоа две женки, едната е дамата која лежи. Се вика Бека. И сестра í, не знаете колку беше убава! Ги гледав двете, ги стрижев. Во 2001 г. ги однесов двете кучиња на изложба во Битола и зедов два пехари. Оттогаш до сега на секоја изложба добивам еден или два пехари. Кинолошкото друштво ми подари пудлица женка. Ја крстив Даша, оти немаше име во педигрето од Нови Сад. Од Скопје, Панче Дамески ми донесе во кафез во кој повраќала, гнасна, немам зборови. Со големо внимание ја гледав. И зборував: Дашо, Дашо дојде во нашиот живот во погрешно време, ти си млада, а јас стара – раскажува Снежана.
Ова е само делче од сочните приказни на страсната вљубеничка во црните пудли.
Скапи шампони и храна за кучиња
Со ист жар и страст раскажува за другите, за Бруно, Атос, Брита, од Растер газдата, Фратело, Бека и Беки …
– Имаме двор и добри услови за кучињата. Ретко ги носам в парк, заради тоа што ми е страв. Многу кучиња шетаат и постои опасност да ги заразат моите, а и мене да ме префатат. Внимавам на тоа. Пријателите знаат дека сакаме кучиња и така нé прифаќаат. На капако од тетратката ми е напишан бројот од ветеринарот. Инаку не се ефтини за одгледување. На пример, можам да купам шампон од 90 денари за мене, а за нив мора од 280 денари. Четки, инструменти, многу машинки, ножици. Љубители се на деца и само готова храна им даваме. Просечниот животен век им е 12 години. Жална е разделбата. Гледам да биде природна смрт. Има луѓе што ме поддржуваат, а други ме оговараат. Едни викаат – леле колку се убави, а другите – леле тргни ги. Нема да се одделам од кучињата никогаш – вели Снежана.
И покрај големата љубов кон кучињата, имале само едно легло од Брита. Сега нема квалитетен мажјак за оплодување за Даша. Вели дека не сака да профитира и ги чува од љубов.
Со пудлица се формирало кинолошкото друштво
– Во 1981 година, кога дојде првата пудла, се оформи кинолошкото друштво и се оддели од ловечкото. Прв претседател беше Димче Блажески – Чалата, тогаш на моето куче му стави тетоважа на увото да се знае дека е расно. После него дојде Манчо Тренкоски, па Пејо и Панче Дамески, а сега пак е Манчо – објаснува Снежана.