Спортски школи: Боречка 7 Мај Леов

Клубот 7 Мај Леов, формиран 2004, е всушност боречка школа. Речиси нема возрасни членови, туку само млади. Досега продефилираа над 300, а сега тренираат 18 постојано и седуммина рекреативно. Тезата е “форсиран и гален на тренинг, го фрлаат како палто на мечот”. Непроменет е стручниот тим Саше Игњатовски, Александар Стојаноски и Илчо Маркоски. Дојден од Пробиштип, наидов на отпор. Кој сум од страна да правам клуб? Полесно одеше здружени тројца. Прво работевме без душеци и услови. По некое медалче земавме. Тргнавме чекор по чекор нагоре – вели Игњатовски. За седум години има успеси: младински репрезентативци, како Стојанче Тушески, најдобар спортист на 2008. Таа генерација се пласираше во Прва лига и беше петта меѓу 10 тима. Лани и Мартин Стојаноски стана младински првак и репрезентативец, 12-ти во Европа, трет на турнир во Турција. Зачестија меѓународните настапи.
– Предводници се Стојаноски и Дејан Заов. Веднаш покажаа талент, но имаа проблем со смената на генерации. Нема кој да ги повлече, да се направи пресудниот исчекор. Надоаѓаат три – четири деца. Чекаме да загризат здраво, да се посветат. Малодушноста ја сопира младината – смета Игњатовски.
Клубот работи стручно и напорно, иако во неповолни услови. Почетниците вежбаат поставување на телото, координација со нозете и рацете, првите лесни зафати. По три месеци одат на првиот дуел. Се атакува на медал за шест до девет месеци тренинзи. Доста чудно, ако се знае дека неопходни се 10, а клубот во салата на ОУ “Гоце Делчев” има само четири термини неделно!
– Недостасуваат пари. Потребни се повеќе спонзори, не е добро товарот да паѓа на еден. Не опстанува еден дуќан со еден муштерија – подвлекува Игњатовски.
Следен настап за БК 7 Мај Леов е турнирот на 8 јуни во Џенова, Италија.
![]()

