СПАСЕНА СЕЗОНА

Ракомет: Жито Прилеп четврт пат во Европа – во КПК

Крајот делото го краси, а ракометарките на Жито Прилеп токму во завршницата, кога најмногу требаше “стиснаа заби” и како лани одиграа финале на Купот. Прво на пенали со 34-32 го елиминираа залетаниот Вардар, а откако ја остварија целта, во финалето му допуштија на фаворитот Металург да се радува на висок триумф од 44-25.

Металург оди во квалификации за Лига на шампиони, а Жито Прилеп наесен ќе настапува вторпат во КПК. Претстои четвртиот излез на европската сцена. Убав континуитет. Сé почна есента 2009 кога беше организирана групата од купот Челенџ и се одиграа три кола во салата “Македонија” против Украинки, Ирки и службено Гркинки. Походот заврши во Португалија. Во 2010  пак службено со Гркинките, до пораз од Французинки. Лани победата беше со Литванки, а елиминација од Чехинки.

Како и да е, спасена е сезоната. За учество во финалето од РФМ добиен е пехар и медали. Јаломитеану е прогласена за најдобра голманка. До успехот дојде составот: Наумоска, Јаломитеану, Дурланова, Павичевиќ 2, Стојановиќ 8, Мркиќ 7, Цветановска 1, Иломаноска, Аџулеска 3, Здравевска, Ѓорѓиоска, Цаневска 1, Серафимовска 3, предводени од тренерот Петлески.

В недела е последниот меч за оваа сезона, првенствениот дома со Куманово.

Loading