НАЈДОБАР МУЗЕЈ ВО 2011 ГОДИНА

Наградата е доделена за археолошката поставка и за реконструкцијата и реставрацијата на музејот 11 Октомври

Признание и за кустосот Александар Цветкоски

Заводот и Музеј Прилеп се закити со  наградата Музеј на годината за 2011 година, што за 18 мај – денот на музеите, традиционално ја доделува Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите. Престижното признание се додели заради остварувањето на значајни проекти, вредни за македонското културно и историско наследство. Наградата отиде во прилепскиот Музеј, бидејќи ја отвори археолошката поставка со вредни артефакти, ископани на бројните локалитети и за реконструкцијата на Музејот 11 Октомври – рече Захаринка Алексоска – Бачева.

Гордана Данилоска – Спироска, директор на Музејот, вели дека наградата е поттик за поголем ангажман за заштита и истражување на културното наследство. Продолжуваме со несмалено темпо во заштитата на вредното наследство – потенцира таа. Награда доби и етнологот Александар Цветкоски, кој е прогласен за најдобар музејски работник за 2011 година. Признанието кај Цветкоски е упатено заради неговиот придонес во изработката на  вредниот каталог на македонски и англиски јазик за поставката на предмети за уживање за тутун од музејот за тутун.

Нов лик за куќата на Бектешовци

“Ќе се реконструира куќата на Бектешовци, градена во 1923 година, со прецизно дефинирана естетика, изградена во духот на граѓанската архитектура, со нагласена раскошност на формите”. Ова го најавија од Музејот, информирајќи дека за скоро време ќе почне реставрацијата на фасадата, балконите, скалите, прозорците и оградата, за што ќе се инвестираат околу три милиони денари.

– Сакаме да ја доловиме автентичноста на куќата, која е една од 16-те,  за кои претстои заштита и обнова- вели Данилоска – Спироска.

И објектот на Катастарот, заштитен со закон ќе добие нов лик.

Loading