Од 26 мај до 3 јуни
Прилеп од 26 мај до 3-ти јуни ќе биде домаќин на повеќе од 120 делегати од Малта, Холандија, Италија, Португалија, Белгија, Америка, Хрватска, Русија, Франција, Словенија, Колумбија, Луксембург, Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора и други земји членки на ФЕЦЦ, кои ќе учествуваат на 32-та Конвенција на европските карневалски градови. Тоа ќе значи афирмација на градот како културен туристички центар и претставување на богатото културно наследство и убавините.
– Посетата на делегатите на ФЕЦЦ е отворање на туристичката врата на Македонија кон сите држави, учеснички на оваа Конвенција. Предвидени се посети на културни знаменитости, манастири, музејот на Тоше Проески, Галеријата на икони, Музејот на тутун, прилепската чаршија, Хераклеја, Стоби, новиот Музеј на македонската борба во Скопје, Старата скопска чаршија и уште многу други значајни места. Организаторот ќе ги прошета гостите до Свети Наум, Музејот на вода и црквата Света Софија во Охрид. Делегатите ќе вкусат специјалитети од различните предели. На Конвенција на ФЕЦЦ, ќе се одржи и изборно Собрание, на кое се очекува да му се изгласа повторна доверба на досегашниот претседател Хенри Ван Дер Крон или пак ќе се избере нов претседател на Федерацијата – објаснува Снежана Ристеска, советник за култура во ЛС. Инаку, нашиот град со гордост го носи епитетот дека е град на културата, кој негува и алтернативен, фестивалски и еко туризам.