КОЦКА НА ОТВОРЕНО

           

Прилепчани се мераклии за игри на среќа. Имаат ген за потрага по среќата.  Играат бинго, пополнуваат лото, гребат грепки… Не ретко го пробаат к’сметот преку СМС. Бараат добивките од наградните игри да им ги остварат фантазиите. Последната, повеќе од децениска еуфорија, е обложувањето на спортските резултати, како поранешната спортска прогноза и модерните игри на среќа во казината со машини. Прилеп не е Лас Вегас, ама ретко во која куќа да не се посакуваат пари од “ведро небо”. Прилепчани ја најдуваат среќата. Неколкупати добивале подебели награди. Дури еден го “нарасија” илјадници долари во Америка. На некои и овде им се смее среќата. Се добивале автомобили, пари на лото или на спортска прогноза. И на лозови. А коренот го носат од дамнина. Страста по игрите за среќа вирее уште кај предците кога по анџилниците, по кафеаните, се хазардирало, се вртел рулет. Не така одамна и Ромот Џело стоеше зад хотел Јадран со рулетот и среќните броеви.

            Вистинска лотариска треска владеела пред 40 години. Државната лотарија на тогашна Југолавија ги запалила граѓаните. Организирала извлекување на броеви на големи тркала поставени на платото на тогашната пошта, а сега Комерцијална банка. Под отворено небо, толпа народ се собрал да го следи јавното извлекување. На спектаклот се скандирало, се иссвиркувало за некои броеви, се радувало и се плачело. Добивките биле големи, а за Прилеп била организирана и посебна лотарија.      

            Некој успеал да го стави на фотографија настанот, кој стана дел од градската историја и сведочи за “коцкарската” традиција.

Loading