Механизација, песок, плочки и незаменливата човечка рака е секојдневна глетка кај сокачето познато како ,,кај Бочварите,,. Од уличе кое со прескакулица требаше да се помине пешки за да не се зацапа во некој вир и заради дупките во асфалтот што изнудуваа пцости на возачите, а се “смрт” и за амортизерите, кај да е, ќе се стори една модерно дотерана улица. Се тура песок, се настегува со валјак, а работниците, една по една, ги редат плочките, небаре мозаик, за да се вклопи во изгледот на остатокот на чаршијата. Се внимава и на канализацијата, па се копаат одводни канали. Улицата кај Бочварите ќе се дотера “од корен” и ќе биде задоволство за пешаците кои ќе “шпацираат” по неа.