В недела планинарите на ЕПД Картуш ќе го чекорат седмиот меморијален марш за прерано починатиот колега Петар Андоноски – Музичарот. Ќе кинисаат од Плетвар, кон Трајановата чешма, месноста Ливадата, Казанташ и ќе стасаат до манастирот Свети Димитрија, каде ќе седнат на заедничка трпеза со гравче. Инаку, минатата сабота, педесетина беа дел од 500 планинари од земјава кои го освоија Пелистер на меморијалниот марш Диме Илиески – Мурато, кој исчезна под Монт Еверес пред дваесетина години. Со напорно искачување му се поклонија на Мурато за неговотот дело, кое остана запишано во историјата на планинарството дека направил херојски подвиг, поставувајќи македонско знаме на “покривот на светот”. За жал , тој не успеа да ја ужива славата. Затоа колеги го паметат и достоинствено го одбележуваат денот на неговото погибие. Малку им беше на “Картушовци” Пелистер, па идниот ден се напија вода од Вевчанските извори. Минале дел од денот кај селото Рајчица кај Струга, уживале во водопадот Дуф кај Ростуше, запалиле свеќа во манастирот Свети Јован Бигорски и плакнеле очи од Мавровското Езеро.