ДВИЖЕН – ПОДВИЖЕН

 

            Движен и подвижен! Дали имаат овие зборови исто значење? Не! Различно им е значењето, затоа и грешките се чести. Слушавме на телевизија некаков коментар за некоја фирма. Зборува новинарот и вели дека тоа се однесувало на сиот ДВИЖЕН и НЕДВИЖЕН имот од фирмата. Сме ја слушале оваа грешка и во поинакви пригоди и не само од новинари.

 

            Што значи зборот ДВИЖЕН или НЕДВИЖЕН? Не сакаме да навлегуваме во многу теоритизирање зашто и ние можеме да се заплеткаме во некои работи. Но, зборот ДВИЖЕН (НЕДВИЖЕН) не е придавка, туку е глаголска придавка. Блаже Конески вели: “Глаголска придавка претставува категорија преодна меѓу глаголот и придавката”. Глаголската придавка означува некое завршено глаголско дејство – ДОЈДЕН, БЕГАН, БРИЧЕН, ВОЗЕН, па и ДВИЖЕН, и така натаму. Зборот ДВИЖЕН, малку поретко го среќаваме со вакво значење, иако местото му е меѓу овие зборови. Ќе биде појасно ако го разгледаме зборот (глаголска придавка) ВОЗЕН. Некој камион, на пример, повеќе време, повеќе години возел, па ќе речеме дека тој е многу ВОЗЕН. Возењето е всушност определено движење, па можеме да речеме (иако многу ретко) дека тој е многу ДВИЖЕН. Значи и ВОЗЕН и ДВИЖЕН покажуваат определено глаголско дејство кое е завршено. Исто како некој што се СТРИЖЕЛ и сега е СТРИЖЕН. Според тоа, некој што се ДВИЖЕЛ е ДВИЖЕН. Но овој збор мошне често се употребува со погрешно значење. Како што наспоменавме погоре често слушаме ДВИЖЕН и НЕДВИЖЕН имот. Во конкретниов случај, станува збор за имот кој е ПОДВИЖЕН или НЕПОДВИЖЕН. Зборовите ПОДВИЖЕН и НЕПОДВИЖЕН се придавки, квалификативни. Тие објаснуваат, не дека нешто се движело па престанало, туку дали може тоа нешто да се движи или не може да се движи. Квалификативните придавки го објаснуваат токму тоа, ја објаснуваат именката (предмет или субјект) дали може или не може да се движи. Речиси, има исто значење со интернационалниот збор – МОБИЛЕН. Мобилен телефон значи ПОДВИЖЕН телефон. Рековме “речиси” има исто значење. А зошто е таа резерва? Затоа што интернационалните зборови понекогаш придобиваат и некои подруги, поинакви значења. Точно е дека МОБИЛЕН значи ПОДВИЖЕН. Но, ете придобил и едно поинакво значење. На пример, ќе ја споменеме екипата за итна медицинска помош, која врши домашни посети. Ќе речеме дека таа секогаш е МОБИЛНА. Тоа не значи дека таа постојано се движи (врши посети), но готова е (мобилна) да се движи штом ќе затреба, да врши домашни посети. Во секое време е МОБИЛНА и противпожарната служба. Во секое време е готова да тргне, да се ДВИЖИ.

 

            Да се вратиме на имотот и на редовната грешка што ја слушаме. Имотот може да биде ПОДВИЖЕН и НЕПОДВИЖЕН, а не ДВИЖЕН и НЕДВИЖЕН. Куќите, нивите, ливадите, забелите, сите тие се НЕПОДВИЖЕН имот. Не можат да се придвижат, да се преместат од едно место на друго. Додека пак мебелот, покуќнината, возилата, стоката, сето тоа е ПОДВИЖЕН имот. Имот кој може да се премести од едно место на друго. Значи, зборовите ПОДВИЖЕН и НЕПОДВИЖЕН се придавки и немаат исто значење со глаголските придавки ДВИЖЕН и НЕДВИЖЕН. Имотот може да биде исклучиво ПОДВИЖЕН и НЕПОДВИЖЕН, а не ДВИЖЕН и НЕДВИЖЕН.

 

            Слична е грешката и со придавката ВРЕМЕН (а) и ПРИВРЕМЕН (а). Ако е од машки род треба да гласи ВРЕМЕНЕН, но тоа е речиси отфрлено од употреба. Придавката треба да гласи ПРИВРЕМЕН и ПРИВРЕМЕНА. Грција ја прекинала ПРИВРЕМЕНАТА спогодба, а не ВРЕМЕНАТА. За жал, сите, ама буквално сите и новинари и политичари, се запнале и – ВРЕМЕНА па ВРЕМЕНА.

 

            Би било убаво ако оваа грешка биде ПРИВРЕМЕНА.

 

Благоја Ивчески         

 

Loading