Фудбал: Феноменот 11 Октомври
Екипата на 11 Октомври по речиси шест месеци го имаше третиот првенствен триумф, прв пролетен, над Охрид 2004 со убедливи 3-1. Трите бода наизглед не се ништо за опстанок, но во клубот сите се со насмеани лица. Ведрината е поради прикажаното од новите “деца” меѓу 16 и 18 до 20 години возраст. Покажуваат дека има надеж и дека не е ништо загубено за прилепскиот фудбал.
Феномен е публиката. Се собира масовно да го следи последниот на табелата. Отпаднат е одамна, без шанси, а навивачите аплаудираат. На капитенот Кулески на нозе му ракоплеска цела трибина. Го ценат највозрасниот, оти трча и се залага од срце. Исто и за голгетерот Гешоски, Ацески. Поддршка има за нововлезените, единствениот од страна Обрадовиќ, младите Тошески и Л. Николоски…
Навивачите насетуваат создавање сериозна екипа за иднина. Дава резултати макотрпниот труд на тренерите Наумоски, Крстески и Митрикески и на нивните претходници. Се гледа течна игра, акции, борба, шанси и голови. Желбата за докажување е огромна.
Секој меч се чека љубопитно, кое ново “дете” ќе се појави? Покрај голманот Игески, средните Наумоски и Радески, приклучени се голманот Талески, средните Димоски и Илиески, напаѓачот Николоски. Следен атак на три бода е в недела (17 ч.) дома со Хоризонт Турново.